Поради геополитичките случувања и падот на германската економија има забавување на растот на извозот. Забавена е ефективната странска побарувачка. Нашите трговски партнери имаат сериозни економски проблеми што секако ќе се одрази и врз нашата економија, оценува во интервју за МИА претседателот на Клубот на извозници при Стопанската комора и проректор на штипскиот Универзитет, Дарко Лазаров.
Според Лазаров, извозот мора да биде еден од приоритетите на државата затоа што тој е единствената алтернатива за одржлив развој бидејќи македонската економија е мала и отворена.
– Искуството на брзорастечеките земји кои во изминатиот период направиле голем прогрес во делот на подобрување на перформансите на извозните компании, укажуваат дека државата е активен чинител. Во таа насока и креирањето на сет на соодветни политики и мерки, кои ќе бидат во насока на подобрување на перформансите, односно подобрување на економските и бизнис условите во државата, меѓутоа и директни форми на стимулација и градење на одредени алатки кон извозните сектори, можат значително да го забрзаат тој процес на подобрување на извозниот сектор на нашата земја. Во тој контекст, државата има значајна улога во тој процес, нагласува Лазаров.
Она на што треба да се работи во иднина, според Лазаров, е како да се намали увозот на репроматеријали и суровини и да се зголеми нивното домашно производство.
– Имаме голема увозна компонента на извозот, односно голем дел од извозот е базиран на увоз на суровини и репроматеријали и треба во иднина да работиме како да го супститурираме увозот со производство на домашни компоненти кои ќе бидат вградени во производите, вели Лазаров во интервјуто снимено во прес-центарот на МИА во Штип.
Во интервјуто што подолу го пренесуваме во целост, Лазаров дава и првична оценка на Предлог-буџетот за 2024 година, а како проректор на УГД говори и за дуалното образование и дали земјава располага со квалификуван кадар.
Интервјуто со видео материјал го пренесуваме во целост:
Колку македонските фирми извезуваат и што всушност извезуваме?
– Кога зборуваме за извозниот сектор на Македонија треба да правиме дистинкција меѓу извозот на странските компании, најчесто лоцирани во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), и домашните извозни компании. Зошто? Затоа што де факто постои една разлика меѓу нив во делот на технолошката напредност и софистицираност на производите што ги произведуваат и извезуваат, а се разбира и секторите од кои доаѓаат. Имено, ако го анализираме извозниот сектор на странските компании, тој најчесто е во рамки на машинската индустрија, електроиндустријата и главно во рамки на автомобилската индустрија.Тоа се производи што во принцип имаат повисок степен на финализација, односно поголема комплексност, но од друга страна, имааат помала домашна додадена вредност бидејќи поголем дел од суровините во тој процес на производство, имаат увозна компонента. Од друга страна, во делот на домашниот извоз, во најголем дел тој е во рамки на базичната металургија, односно металната индустрија, во рамки на производи од метали или металопреработувачката индустрија. Тука се секако и прехранбената индустрија, примарното земјоделство текстилната индустрија, индустријата за облека и некои други индустрии, како што е на пример индустријата за дрво и мебел, производите од пластика, гума и слично. Меѓутоа во контекст на тоа, какви се перфомансите на извозникот сектор, можеме да кажеме дека годинава имаме значително забавување на растот на извозот и на компаниите од зоните, меѓутоа и на компаниите од домашните извозни компании.
Зошто се случува тоа?
-Генерално поради геополитичката ситуација на глобално ниво и падот на германската економија. Да не заборавиме дека најголем дел од нашиот извоз, некаде околу 50 проценти, се пласира на германскиот пазар, а знаеме во каква состојба во моментот е германската економија. Значи забавена е ефективната странска побарувачка и тоа секако има реперкусии врз извозниот сектор на нашата земја.
Имате ваша анализа, во која се нотирани слабостите на нашиот извоз и велите дека државата треба веднаш да да направи чекори, меѓутоа треба да има и среднорочен и долгорочен план. Што значи тоа?
– Во рамки на Комората, работевме на една анализа што беше финансирана од проект во рамки на соработката со Американската агенција за меѓународен развој. Во рамки на таа анализа ги мапираваме на некој начин производите и секторите за кои македонската економија и македонските компании имаат одредени потенцијални извозни потенцијали. Меѓутоа во исто време ги адресиравме главните ограничувачки фактори, причините за ниската извозна конкурентност на македонската економија и предлог мерките во насока на подобрување на извозните перфоманси на нашата земја. Тие не може во никој случај да бидат на краток рок затоа што станува збор за системски реформи кои на среден и долг рок треба да бидат имплементирани и од страна на државата, меѓутоа и од другите чинители вклучувајќи го и бизнис секторот.
Искуството на брзорастечките земји кои во изминатиот период направиле голем прогрес во делот на подобрување на перформансите на извозните компании, укажуваат дека државата е активен чинител. Во таа насока и креирањето на сет на соодветни политики и мерки, кои ќе бидат во насока на подобрување на перформансите, односно подобрување на економските и бизнис условите во државата. Mеѓутоа и директни форми на стимулација и градење на одредени алатки кон извозните сектори можат значително да го забрзаат тој процес на подобрување на извозниот сектор на нашата земја. Во тој контекст, државата има значајна улога во тој процес.
Ја споменавте Германија дека 50 проценти од нашите производи завршуваат таму. Меѓутоа во кои други земји извезуваме и што вообичаено извезуваме. Од земјоделска земја станавме увозно зависна?
-Македонија има еден системски проблем во делот на извозот, а тоа е висока извозна концентрација. Дури ако ја земете германската економија, не е проблем што ние извезуваме во Германија, Германија е голем пазар, близок до нас итн. Меѓутоа и таму интерните анализи покажуваат висока извозна концентрација. Ќе ви дадам една кратка илустрација. Првите десет производи, топ извозни производи на германскиот пазар се околу 50 проценти од вкупниот извоз на Македонија во Германија. Десет, 15, 20 компании имаат сериозно значајно учество во вкупниот извоз на германскиот пазар. Нашите анализи покажуваат дури дека има простор за дополнителна пенетрација на германскиот пазар. Меѓутоа треба да се вклучат нови компании. Тие да бидат многу поподготвени, и се разбира во нови сектори, не само во автомобилската индустрија, туку и во рамки на прехранбената индустрија, примарното земјоделство и во рамки на други сектори од преработувачката индустрија. Ние имаме одредени извозни потенцијали кон германскиот пазар и на секој начин тие потенцијали треба да ги користиме.
Дополнително истиот заклучок е и кон ЕУ. Седумдесет и седум проценти од нашиот извоз е кон ЕУ. Меѓутоа ако ги земете првите топ пет извозни ЕУ пазари, тие учествуваат со 78 проценти во вкупниот извоз на земјата кон ЕУ. Што значи тука има простор за дополнителна диверзификација, географско од аспект на вклучување на други земји или поголема наша извозна активност во други земји, како што се Вишеградската група, Балтичката група, скандинавските земји и другите земји од ЕУ. Меѓутоа да не заборавиме дека треба да размислуваме и на други пазари, како што е Северна Африка, како што е Блискиот Исток, каде што има голема побарувачка за одредени производи. Меѓутоа за да бидеме конкурентни на тие пазари треба да работиме системски, во делот на промоција на македонските компании, промоција на македонските производи, поголема подготвеност на компаниите да произведуваат и извезуваат производи коишто ќе бидат конкурентни на тие пазари, бидејќи да не заборавиме дека во исто време ние имаме конкуренти од целиот свет. Како што ние се трудиме да бидеме конкурентни и да пласираме производи од нашиве компании на странските пазари, така и другите земји се обидуваат под тој чадор да го најдат своето место, односно да се позиционираат. Така што, во тој контекст, мислам дека треба да работиме сериозно како земја и извозот да го ставиме на еден од пиедесталите, односно приоритетните сектори на кои треба да посветиме посебно внимание, имајќи предвид дека Македонија е мала отворена економија. Домашниот пазар не е доволен. Единствена алтернатива за одржлив развој на земјата во иднина, е токму пласирање, односно поголема конкурентност на нашите компании и нашите производи на странските пазари.
Во пари колку изнесува македонскиот извоз?
– Отприлика 66, 67 проценти од БДП или некаде околу над осум милијарди евра. Меѓутоа, тој расте и е со одредена ставка од просечно околу 10 проценти во изминативе десет години со исклучок на 2020 нели кога поради ковид кризата имавме сериозно забавување. И годинава имаме сериозно забавување на растот, само 1,4 проценти е растот на извозот. Меѓутоа, Македонија има еден друг проблем, а тој проблем е хроничен трговски дефицит. Имаме голем увозна компонента на извозот. Голем дел од извозот е базиран на увоз на суровини, репроматеријали итн. И во таа насока, треба во иднина да работиме, како да го супституираме тој увоз со производство на домашни компоненти, коишто ќе бидат вградени во тие производи и ќе бидат извезени како домашни производи на некој начин.
Дали при анализата имате утврдено кој е најизвезуваниот производ од нашава држава?
– Дефинитивно. Знаеме дека катализаторите и сетовите за филтри во рамки на автомобилската индустрија имаат големо учество во нашиот извоз. Јас би кажал дека Македонија е еден негативен пример во светот каде што два, три производи имаат релативно големо учество, околу 30 до 40 проценти или над 30 проценти е вкупното учество на тие неколку производи. Токму тоа треба да биде една од областите, каде што во иднина треба да работиме, а тоа можеме да го постигнеме ако ги диверзифицираме нашите ресурси кон останатите сектори, каде што имаме некакви потенцијални компаративни предности.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески постојано говори дека извозот е решението. Кон кого е насочена таа порака?
– Пораката е насочена кон сите чинители. Прво, ќе речам кон државата затоа што таа на некој начин може да го иницира, да го забрза тој процес, бидејќи конкурентноста на компаниите не зависи само од компаниите. Тие, преку инвестиции во нови технологии, преку подобрување на нивните процеси итн., можат да станат конкурентни. Меѓутоа и условите во економијата, во делот на инфраструктурата, во делот на институционалните капацитети на државата, владеење на правото, ниска корупција, поголема сигурност, обезбедување на финансиски средства од државата, финансирање на компаниите и обезбедување на поддршка во дигиталната трансформација, има значајна улога.
Да не ја заборавиме улогата на државата и во делот на промоцијата на земјата. Ние знаеме дека една од улогите на Министерството за надворешни работи, е токму преку економската дипломатија, преку поддршка во делот на настап на меѓународни саеми, да ги промовира нашите производи, да им помогне на нашите компании да станат повидливи, попрепознатливи на странските пазари, како што тоа го прават другите земји. Да ја земеме Словенија како еден позитивен пример каде што државата во изминатиот период вложуваше во делот на компаниите коишто се извозно ориентирани. Тука е примерот и на Турција, примерот на големите земји од типот на Кина, којашто направи сериозна револуција во изминативе 30, 40 години, како и други успешни примери во светот, каде што државата имала активна улога во тој процес.
Се разбира и дека компаниите треба да бидат оние кои ќе работат на подобрување на тие процеси. Има некои предуслови што треба државата да ги создадеи во делот на човечки капитал, односно поголеми инвестиции во образованието каде што улогата на државата е доминантна, понатаму во делот на инвестициите во истражување и развој, во наука итн.,кои ќе бидат позитивен импулс за компаниите во градењето на нивна поголема конкурентност.
Колку според Вас, влезот на нашата земја во ЕУ може да влијае врз развој на стопанството?
– Се разбира, ЕУ е наш најголем трговски партнер, меѓутоа не треба да заборавиме дека и сега имаме можности за натпревар на тој пазар. Дополнително, треба да имаме предвид дека таму има одредени стандарди кои нашите компании и приватниот сектор треба да ги исполнат, а кои сега не се бараат. Во таа насока не треба да ги гледаме само привилегиите од влезот во ЕУ, туку треба да ги гледаме и обврските односно да работиме на исполнување на тие стандарди што се бараат на тие пазари, бидејќи дури и со нашиот влез во ЕУ, нашите компании ако не инвестираат во подобрување на своите перформанси и ако државата не ги подобри своите институционални капацитети, ние повторно ќе бидеме на маргините во рамки на ЕУ. Така што мислам дека тој процес може значително да влијае позитивно, меѓутоа паралелно ние треба да работиме на градење на сопствените капацитети и подобрување на тие капацитети,како во јавниот сектор, така и во приватниот сектор.
Кој е вашиот коментар за капиталните расходи во Буџетот, кои никогаш не се реализраат стопроцентно?
– Тука има една буџетска гимнастика што се користи во изминатиот период, а тоа е дека со ребаланс на Буџетот во септември или октомври, односно во втората половина на годината, се кратат планираните капитални расходи и на крајот процентот се подобрува. Нас, економистите, на крајот на денот не интересира крајната реализација на капиталните расходи, како процент од буџетот или како процент од Бруто домашниот производ (БДП). Тука навистина бројките се разочарувачки. Мислам дека на 5,5 милијарди евра колку што е проектиран буџетот за годинава, треба да издвојуваме значителен извоз повеќе, сигурно од 10 до 12 проценти за да имаме забрзување на економијата. Тука има едно друго прашање кое се поставува и е легитимно, а тоа е каква е структурата на капиталните инвестиции бидејќи не е исто дали ќе инвестирате во образование, наука, инфраструктура или ќе инвестирате во некоја друга форма на капитални инвестиции. Ефектите од тие инвестиции се различни.
Според Вас, каде најмногу треба да се инвестира?
-Ако ме прашате мене, мислам во инфраструктурата, образованието, науката и во економските политики.
Го прави ли тоа државата?
– Многу малку, дефинитивно многу малку. Поголем дел од структурата на буџетот оди за тековни трошења, односно за непродуктивни цели што немаат позитивни ефекти врз економијата. Тие имаат ефект на краток рок, затоа што стимулираат одредени активности на страната на побарувачката и тоа е проблемот со нас. Ние трупаме буџетски дефицити, а економијата станува се позадолжена. Тоа е на сметка и на јавниот и на приватниот долг, а економијата не гради долгорочни капацитети. Мислам дека фокусот треба да биде ставен на капиталните расходи, меѓутоа и да се работи на страната на понудата. А страната на понудата е приватниот сектор и неговиот капацитет да произведува и да извезува на странските пазари. Треба да се направат радикални системски реформи, коишто ќе го отсликуваат буџетот во наредните неколку години ако сакаме, на среден или на долг рок, да имаме некакви позитивни ефекти и во делот на вистинското реално одржливо зголемување на животниот стандард на нашите граѓани.
Видовте ли нешто развојно во Предлог-буџетот, знаеме дека ќе нема повисоки плати за функционерите?
-Се уште го немаме на увид детално така што не би сакал во овој момент да коментирам. Меѓутоа пак ќе повторам, интенцијата и политиките во изминатиот период се во насока да се стимулира вештачки побарувачката на штета на градење на посериозни капацитети на страната на понудата и јакнење на производните капацитети на приватниот сектор.
Проректор сте на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На оваа функција сте од пред неколку месеци. Кои се вашите идеи за развој на овој Универзитет, имајќи предвид дека сте проректор за развој и инвестиции?
-Универзитетот „Гоце Делчев“ има навистина силни истражувачки капацитети и уште повеќе има голем развоен потенцијал и во изминатиот период работеше на развој на тие капацитети. Она што ќе биде моја улога заедно со ректорската управа на чело со ректорот Дејан Мираковски е во насока на интензивирање на соработка помеѓу науката од една страна и Академијата и од друга страна бизнис секторот, односно индустријата, да ги подобриме научно истражувачките капацитети на нашиот Универзитет. Меѓутоа и тие научно истражувачки капацитети да ги ставиме во функција и во практична примена на реалната економија, во решавање на конкретни проблеми во рамки на приватниот сектор, во процесот на дигитална трансформација на компаниите, во процесот на развој на нови производи, подобрување на постоечките производни процеси. Значи, има сериозно широко поле на работа во делот на тоа како Универзитетот може да му помогне на приватниот сектор и на стопанството, меѓутоа и на целокупниот општествен развој на државата и тука ќе биде практично мојот фокус – во делот на градење на одредени форми на соработки, платформи, во рамки на коишто нашите научно-истражувачки решенија, ќе најдат своја примена во пракса, односно во приватниот сектор.
Бизнис секторот неколку години наназад говори дека нема квалитетна работна сила. Дали сеуште држи овој став?
-Се разбира, Да.
Колку средните училишта и високо образовните институции работат на подобрување на оваа тема?
– Ние подолг период имавме еден системски недостаток, затоа што од образованието и приватниот сектор не беа поврзани. Меѓутоа во изминатиот период се прават напори и тие веќе имаат видливи резултати во делот на средното образование. Сега како Универзитет се обидуваме да го примениме, односно аплицираме тој дуален концепт во рамки на високото образование, односно преку воведување на сериозна практична настава и нови програми кои ќе бидат во корелација со барањата на приватниот сектор и на пазарот на трудот. Да изградиме нови модули, односно нови насоки, коишто ќе им овозможат на студентите градење на и стекнување на вештини и знаење, коешто ќе биде практично применливо во стопанството. Ќе ја искористам оваа прилика да промовирам една активност што веќе ја започнавме заедно со Стопанската комора, како еден интерен заеднички проект меѓу УГД од една страна и Стопанската комора, а тоа е „Студентите учат од бизнисот“. Во рамки на тој проект, односно активност ќе бидат реализирани серија на настани што ќе бидат на Универзитетот, меѓутоа и посети на наши студенти на компании во Македонија. На крајот ќе биде заокружено со една конференција напролет меѓу бизнисот и науката односно студентите. Се разбира во следниот период ќе работиме на градење на заеднички модули во делот на дефинирање на теми во индустријата, односно стопанството, кое што ние како научници, нашите студенти на прв, втор и трет циклус, ќе ги работат во насока на решавање на практични проблеми во бизнисот и на тој начин ќе се обидеме тој „gap“ кој постои помеѓу науката и високото образование и приватниот сектор на некој начин да го премостиме. И тоа ќе биде еден наш придонес како Универзитет во рамка на нашата земја.
Господине Лазаров што говори процентот дека 2022/2023 година сме имале запишано 69 проценти од средношколците во прва година во средните стручни училишта. Дали станува збор дека средношколците се враќаат кон производството, односно кон реалниот сектор или дека овие деца се подготвуваат да заминат во странство?
– Мислам дека пазарот на труд ги диктира условите и трендовите што се случуваат сега во делот на поголемиот интерес на средношколците за техничките струки затоа што пазарот на труд во изминатиот период бараше квалификувани работници на одредени позиции во производството. Тука сега има тренд на зголемување на платите, подобрување на условите со модернизација на технолошките процеси во компаниите, што е позитивен исчекор во таа насока. Меѓутоа паралелно работиме и на градење на капацитети и на високо образовни кадри затоа што на државата и требаат и квалификувани кадри, меѓутоа и високоообразовни кадри кои ќе ги работат на тие позиции што се бараат врз база на тие квалификации, знаење, вештини….
Ваша проекција за наредната година каков ќе ни биде економскиот раст и развој?
-Врз база на проекциите на меѓународните институции особено на Светска банка, изгледите се неповолни. Тука мораме да бидеме искрени. Согласно тие проекции на релевантни меѓународни институции, Македонија ќе биде земја која во наредните неколку години особено 2024 и 2025 година ќе има најниска стапка на раст, споредено со сите земји од Западен Балкан, што секако треба да не загрижува и треба да биде аларм за сите чинители во државата, особено за креаторите на економските политики, во делот на градење или надградување на постоечките политики, во насока на забрзување на растот. Се разбира дека геополитичките околности и глобалните случувања не се во наша полза. Затоа што знаеме дека голем број на високо развиени земји, вклучувајќи ги нашите најголеми трговски партнери во рамки на ЕУ, имаат сериозни економски проблеми. Тоа секако ќе се рефлектира врз нашата земја. Меѓутоа тоа не е оправдување за нас. Напротив, треба да работиме многу похрабро и многу понапорно во премостување на тие предизвици со кои глобално се соочуваме. Меѓутоа и градење на сопствени капацитети, искористување на овој период за подобро наше позиционирање во тие меѓународни глобални глобални ланци на снабдување, бидејќи само на тој начинможе на долг рок да се надеваме на некои поодржливи позитивни економски резултати.
Што треба државата да направи да имаме поголем извоз?
-Има многу мерки што треба да ги преземе државата. Прво, реков подобрување на економските услови, во делот на подобрување на бизнис климата, меѓутоа и инфраструктурата, инвестициите во образованието, инвестициите во истражување, поттикнувањето на компаниите, односно мерки што ќе бидат во насока на нивна поддршка во модернизација. Ссо еден збор речено, инвестирање на државата во поголема подготвеност на компаниите за извоз. Од друга страна, вториот столб на којшто треба државата да работи е поголема промоција на македонските производи, на македонските компании, бидејќи тоа се мерки на страната на понудата и на страната на побарувачката, без кои не може да се случи некој посериозен исчекор. Мислам дека државата треба да работи во делот на привлекување на странските директни инвестиции и нивно поврзување со домашната економија, ако сакаме да се надеваме на поголема домашна додадена вредност на идниот извоз од ТИРЗ. Значи имаме лепеза мерки што можат да се стават во функција, вклучувајќи го и подобрувањето на финансиската поддршка односно градењето на одредени финансиски механизми или алатки за поддршка на извозниците. Посебно мислам на одредени инструменти, што можат да се забрзаат или да се креираат преку Развојната банка во делот на извозниот фактор и во делот на извозното осигурување итн.побарување на осигурување на извозни побарувања, и други мерки во делот на поволни финансиски кредити што можат да им се обезбедат на извозно ориентирани компании со цел да станат поконкурентни на странските пазари.
Викторија Димитрова-Јованова
Снимање и монтажа: Аслан Вишко и Владимир Рабасовиќ