Шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дријан за време на вчерашната посета на главниот град на Јордан, Аман, изјави дека војната против Исламска држава во Сирија не е завршена, додавајќи оти  се лажат тие кои мислат дека се поразени џихадистите.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 19 декември најави повлекување на околу 2.000 американски војници од Сирија, оценувајќи дека ИД е поразена иако контролира мали зони во источниот дел на земјата која се уште е во војна.

Одлуката на Трамп ги изненади американските сојузници, меѓу кои и Франција која има 1.200 војници во рамките на меѓународната воена коалиција предводена од САД. Коалицијата во петокот соопшти дека почнала со повлекување на опремата од Сирија.

– Војната не е завршена во Сирија. Во Сирија постојат две вкрстени војни, една против џихадистите и таа не е завршена, а втората е интерна граѓанска војна, изјави Ле Дријан на заедничката прес-конференција со јорданскиот министер за надворешни работи Ајмен Сафади.

Тој додаде дека со јорданскиот крал Абдулах Втори разговарал за политичко решение на сирискиот конфликт, додавајќи оти и понатаму приоритет останува „искоренување на џихадистите.Војната во Сирија почна во март 2011 година, која предизвика раселување на неколку милиони луѓе, а загинаа над 360.000 лица.