Лидерката на француската десничарска партија Национален фронт, Марин ле Пен изјави вчера дека француската Влада е исклучиво виновник за немирите и нередите во земјата, кои ги организираа „жолтите елеци“.
– Владата е единствено одговорна и исклучителен виновник за оваа ситуација. Таа дури е и автор на овој хаос, изјави таа за радиото Класик.
Ле Пен рече дека, како и мнозинството од приврзаниците на жолтите елеци, го осудува насилството, но дека француската Влада целата ситуација ја претвори во „замка“.
– Имајќи на ум дека Владата не сака да биде во првата линија на фронтот, ја испрати полицијата да го стори тоа наместо таа, а тоа е ужасна замка. Тука спротиставувате полиција и жолти елеци, со што само додавате масло на огнот, рече таа.
Протестите на т.н. жолти елеци избија лани кон крајот на ноември, по најавата за зголемување на даноците, цената на горивата и животните трошоци, а подоцна прераснаа во широко движење против политиката на Владата.