И замислете каков апсурд. Толку висок гостин, гостинка во случајов, ја седнаа да ја возат во доказен материјал на Катица Јанева и СЈО. Еј, ја возеа во една од „бомбите на Заев“. Во криминален „мерцедес“ изгребан од мачки, кои се уште се во бегство. Ама кога-тогаш, МВР ќе ги открие и ќе ги приведе
Димитар Грумар
Толку апсурди, и тоа само во еден божји ден, во една земја, во Република Илинденска Македонија, не може да изрежира ни врвен режисер од театарот на апсурдот. И се се врти околу „Скопиа“. И околните населби.
Прво, до вчера, беа некреативни со Република Македонија во заграда Скопје. Ама црпнатите мозоци креативно размислиле и ни понудија феноменална креација: Република Илинденска Македонија, во заграда Белимбегово. Ако уште малку покреираат сигурно ќе дојдат до совршеното име – Република Белимбегово. Име кое мајка си плакало за ерга омнес.
Тоа име е посоодветно од Република Илинденска Македонија најмалку поради една причина: Илинденци, и тоа многу, имало и во Егејска Македонија. Тие имаат потомци отаде преминот Богородица. Тоа може да ги навреди нашите „големи јужни пријатели“ – кога ќе се сетат дека и со такво име не сме расчистиле со иредентизмот. Затоа ерга омнес само Република Белимбегово! А ние сите ќе си бидеме Белимбеговци и ќе пишуваме и говориме белимбеговски јазик. Со таков изум сите „стратешки пријатели“ ќе не фалат, колку сме фини и креативни.
Како што вчера во Софија не испофалија безмалку сите европски лидери. И од машки и од женски род. Толку многу фалби за преродбеничкиот ни премиер, просто човек страв да го фати. Да не го урочат. Пу, пу, кој го урочи… корнишон му во очи! Ако ни го урочат од каде потоа ќе црпнеме таков креативец?!
Но, како да беа малку апсурди и пофалби во Софија, па британската премиерка, дојде и во Скопје да ни ја фали генијалноста и политиките на премиерот. Сосе реформите, се разбира. Луѓе, Македонци, Илинденци или Белимбеговци, паѓаат во несвест оти по 19 години во „вашата земја“ доаѓа британски премиер. Во случајов премиерката Тереза Меј. Посебно во бессознание паѓаа, по телевизии и други медиуми, корисници на грантови во фунти, евра и долари, наменети за просветлувачи кои ги знаат „вистинските европски и светски вредности“.
Но, зборот ми беше друго. Апсурдот. Госпоѓата британска премиерка, Лејди Брегзит, дојде во Скопје да не убедува колку е фино во заедничка Европа. А и колку ние од лани досега сме скокнале кон ЕУ. Со паметни политики сме направиле скок, и тоа баш скок, колку од Белимбегово до отаде Муртино.
И замислете каков апсурд. Толку висок гостин, гостинка во случајов, ја седнаа да ја возат во доказен материјал на Катица Јанева и СЈО. Еј, ја возеа во една од „бомбите на Заев“. Во криминален „мерцедес“ изгребан од мачки, кои се уште се во бегство. Ама кога-тогаш, МВР ќе ги открие и белки ќе ги приведе.
Сепак, врвот на апсурдот, кој се случи во ист ден, во главниот град на „вашата земја“, е тоа што реформираната правда во Република Белимбегово, бара казна затвор за човекот кој е заслужен за тоа што високата гостинка од пријателска Велика Британија, низ Скопје се вози во безбеден блиндиран „мерцедес“.
Зини земјооо… Голтај, голтај, голтај… апсурди!