Левичарскиот коалициски блок „Новиот народен фронт“, кој победи на предвремените парламентарни избори во Франција, е поделен околу прашањето кој треба да биде новиот премиер на земјата, јави ДПА.
Повеќепартискиот сојуз, кој изненадувачки ја победи екстремната десница предводена од Марин Ле Пен и Џордан Бардела во Националното собрание и центристичкиот блок „Заедно“ околу претседателот Емануел Макрон, главно се состои од социјалистите, Зелените и крајно левичарската Бунтовна Франција на Жан-Лук Меланшон.
На средбата меѓу социјалистите и Бунтовна Франција не е постигнат договор за номинација за премиер на местото на Габриел Атал, информира вчера радиото Франс инфо. Француската Социјалистичка партија смета дека нејзиниот лидер Оливие Фор е најсоодветен кандидат за шеф на новата влада.
Се уште не е сигурно дека ќе се формира целосно левичарска влада, посочуваат од ДПА.
Во меѓувреме, телевизискиот канал БеФМ ја објави веста дека, во контекст на контроверзноста околу номинацијата за премиер, социјалистите на Фор ја истражуваат можноста да се отцепат од Новиот народен фронт и да се приклучат на таборот на Макрон.