Преодниот премиер на Либан, Хасан Диаб се закани дека ќе престане да ја извршува премиерската функција, со цел да изврши притисок врз политичарите да формираат нова влада, при тоа тој предупреди на катастрофалната економска состојба во земјата.

– Ако ммоето повлекување помогне во формирањето на влада, подготвен сум да се повлечам, иако тоа е спротивно на моите уверувања, бидејќи и штети на државата и на Либанците, посочи Диаб во вчерашното телевизиско обраќање.

Тој состојбата во либанската економија ја илустрира со неодамнешниот инцидент во супермаркет во Бејрут, каде имаше физичка пресметка за млеко во прав.

– Дали кавгата за млеко во прав претставува доволен поттик за надминување на формалностите и несогласувањата за да се формира влада, запраша Диаб.

Владата на Либан поднесе оставка по катастрофалната експлозија, што се случи на 4 август минатата година, и го разурна централниот дел на Бејрут.

Сад ал Харири е именуван за мандатар во октомври, но не е формирана влада поради застој во преговорите помеѓу него и либанскиот претседател Мишел Аун.