Иван Савид (Савидис според грчкиот пасош) е рускиот бизнисмен со грузиско потекло кој се смета за човекот кој спремал безредија во Македонија и во Грција само за да пропадне договорот за името. Оваа информација, која како темпирана бомба беше активирана на почетокот на Самитот на НАТО во Брисел, е лансирана од британски извори и пренесена преку Базфид и мрежата новинари кои пишуваат за корупција.
Савидис, кој наводно поткупил припадници на навивачката група „Комити“, наводно давал по десетина илјади евра, а комитиве „стегнати“ во полициска станица „пропеале“ дека милијардерот им дал кеш, е многу близок со грчкиот премиер Алексис Ципрас и практично спонзор на коалцијата на Сириза со АНЕЛ на Панос Каменос (коалицијата е меѓу ултралевичарска и крајно десничарска партија). Савидис, е грчки Понд, човек кој е сопственик на најголемата руска тобако фабрика, бизнисмен кој тежи околу 2 милијарди евра. Од пред три години во текот на оваа владина коалиција стана сопственик на стратешки важното Солунско пристаниште.
Бизнисменот е сопственик на солунскиот хотел Македонија палас каде што за нова година престојуваше македонскиот премиер Заев, а пред една година најави дека во Македонија ќе гради дистрибутивен центар за стоки кои од Кина ќе пристигнуваат во солунското пристаниште. Савидис на националниот ден на Грција бил дел од високата грчка делегација која била примена во Белата Куќа.
Наводно Савидис кормпирал со 300.000 евра десетина македонски политичари, но дејствувал и во северна Грција, особено меѓу Пондите и ултрадесниочарите за да направат безредија за да шпропадне Преспанскиот договор.
Инаку, Иван Савидис стана познат во светската јавност откако во март на натпревар од грчкиот фудбалски шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и се упати кон судиите да ја земе правдата во свои раце. По ова, тој доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а требаше да плати и 100.000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата.
И во сиот овој хаос, кој почна со протерувањето руски дипломати од Атина, а продолжи со оваа крајно конспиративна теорија на заговор, во кој во заднина е повторно Владимир Путин, зашто богатиот бизнисмен бил негов близок пријател, се огласи и самиот Савидис. Тој е огорчен од тоа што се пишува по медиумите и што се изјавува. „Ова е целосна невистина“, рече Савидис и најави дека правдата ќе ја бара на суд.