Личната асистентка на американскиот претседател, Доналд Трамп, Медлејн Вестерхаут, ненадејно ја напуштила Белата куќа, откако на новинарите им пренела интимни детали за претседателското семејство.

Вестерхаут, која соработува со Трамп од неговото стапување на должност, била принудена да поднесе оставка на местото извршен асистент на претседателот, откако Трамп дознал дека на репортерите им пренела информации од неформална работна вечера, пренесува Си-Ен-Ен.

Вестерхаут не напоменала дека нејзините изјави се неофицијални.

Како што наведува американскиот канал, еден репортер пренел детали од вечерата во Белата куќа.

Си-Ен-Ен истакнува дека Трамп бил близок со Вестерхаут, дека нејзината канцеларија била наспроти тркалезната соба, но дека пренесувањето лични информции за неговото семејство е црвена линија.

Нејзиниот отказ е уште еден во низата заминувања од Белата куќа и е дел од борбата на Трамп против истекувањето податоци.