Турскиот претседател  Реџеп Тајип Едроган изјави дека ситуацијата во Идлиб е неприфатлива за неговата земја и дека Анкара ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити своите интереси, јавија турските медиуми.

Претходно денеска шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу изјави дека Русија дала гаранции за безбедноста на турските набљудувачки точки во Идлиб.

Ердоган пред турските медиуми соопшти дека се нападнати набљудувачките точки девет и 10 кај Идлиб. По неговиот разговор со рускиот колега Влдимир Путин, биле упатени неопходните предупредувања.

-Ситуацијата во Идлиб во целина е неприфатлива за  Турција, подвлече турскиот претседател.

Како последица на континуираните воени дејствија во Идлиб, во правец на Турција е тргнат нов бегалски бран.

По оддржаните сириски преговори во Нурсултан, на 2 август, во Идлиб влезе во сила одлуката за прекин на огнот. Командата на вооружените сили на сириската армија соопшти дека прекинот на борбените активности е под услов Турција да ги исполни своите обврски од руско-турскиот договор од 2018 година. Главната точка во овој договор е повлекувањето на тешко и средновооружените борци на 20 километри од демилитаризираната зона во Идлиб.

Сириската армија на 5 август ги обнови своите операции против бунтовниците заради прекршувањата на условите од договорот токму од нивна страна. Бунтовниците, наводно, примирјето го искористија за да ги нападнат позициите на сириската армија на север од провинцијата Хама, при што повеќе пати гранатираа дури и станбени реони.