Претседателот на ДУИ Али Ахмети на 2 и 3 септември оди на средба во Специјалното обвинителство во рамки на истрагата за воени злосторства и злосторства против човештвото на УЧК по обвинителен акт поднесен против актуелниот косовски претседател Хашим Тачи.
Од кабинетот на Ахмети потврдиле за ТВ Телма дека овие два датума се потврдени како термин за давање исказ и тврдат дека Ахмети е повикан како сведок. Но, од обвинителството, пак, велат дека тоа и судот до конечното одобрување на обвинителниот акт во јавноста не споделуваат детали, ниту пак се знае кој е обвинет, а кој сведок.
-Ние не кажуваме детали за што било во врска со нашата истрага. Информацијата која вие ја кажувате мислам дека доаѓа од самиот г-дин Ахмети. Ние немаме споделено никаква информација за секој што се појавил, во која било фаза или со кого било разговарано. Едноставно, ние не споделуваме информации за истрагата. Кога настаните и постапките ќе бидат јавни, тогаш ќе објавиме информации и за тоа. Но, ништо претходно не е за јавност, вели за ТВ Телма Кристофер Бенет, портпарол на специјалното обвинителство.