Лидерите на најголемите партии во земјата по речиси три и полчасовната средба вчера попладне излегоа со оптимистички верувања дека на почетокот на следната недела, на нова средба кај претседателот на државата би можеле да се договорат за евентуален датум за парламентарни избори.
Извесно е дека тие би можеле да се одржат летово. Сепак, по средбата и опозицијата и власта уште еднаш ги повторија веќе кажаните различни ставови во јавноста.
Исходот од средбата го пренесе Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, кој соопшти дека на лидерската средба со консензус е одлучено дека здравјето на граѓаните останува приоритет и оти на почетокот на следната недела ќе се одржи нова средба за натамошните чекори откако ќе се добијат мислења од Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија (ДИК) и Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР.
– Во однос на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на КОВИД-19. ДИК е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. На почетокот на идната недела ќе има повторно лидерска средба на која ќе се дискутираат понатамошните чекори, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателот на државата.
Роковите за изборните дејствија продолжуваат штом престане вонредната состојба
Премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата, што се одржа по средбата, истакна дека во моментот кога ќе престане вонредната состојба, треба да продолжат да течат роковите за изборните дејствија. На лидерската средба, според него, се разговарало и биле понудени конкретни датуми во однос на одржувањето на изборите, меѓутоа одлучено е на политичко ниво разговорите да продолжат наредната недела, притоа да се обезбедат одредени информации.
-Што се однесува до Уредбата или правниот механизам за изборите, таа е сосема јасна. Ние немавме друга правна можност за одложување на изборите, освен преку таа Уредба да се стават во мирување сите изборни рокови. Тоа значи во моментот кога престанува вонредната состојба продолжуваат да течат роковите за изборните дејствија, рече премиерот во одговор на прашање.
Спасовски потсети дека ДИК е должна врз основа на пропишаните рокови во законот да ги спроведе изборите, и за тоа постојат рокови точно дефинирани како и на кој начин тоа се прави.
– Сосема е јасно врз основа на Уредбата донесена од Влада, дека ако за време на вонредната состојба се стопираат роковите, треба да се има во предвид уставната норма дека изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на Собранието, така што роковите кои поминале до вонредна состојба и имаме вонредна состојба каде што се стопирани сите рокови, со престанување на вонредната состојба продолжуваат да течат и роковите понатаму и се одржуваат изборите се со цел да нема можност за кршење на Уставот, рече Спасовски.
Премиерот исто така информира дека во наредните неколку дена ќе се прават анализи дали ќе предложи продолжување на вонредната состојба. Анализи се прават на сето она што е преземено досега во однос на прогласувањето на вонредната состојба во неколку сегменти и според движењето во тие сегменти ќе биде донесена одлука дали повторно ќе се побара нова вонредна состојба.
Владата со Уредба со законска сила, по прогласување на вонредната состојба поради коронавирусот, на 21 март и препорача на ДИК одложување на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. Сега партиите бараат нов датум за избори по што би се конституирал најнапред Парламентот, а потоа би се избрала и нова политичка влада. Собранието на Македонија се самораспушти на 16 февруари, а претходно беше формирана преодната односно техничката влада според Пржинскиот модел којашто треба да ги организира и да ги спроведе изборите.
Разлики помеѓу власта и опозицијата за терминот на изборите
Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека нивен предлог било избори да има на 14 јуни и дека за време на разговорите биле проектирани одредени датуми за одржување на парламентарните избори, во зависност од тоа дали и за колку време би се продолжила вонредната состојба. Според него, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата.
– СДСМ и коалицијата на сите можни начини направи демократски исчекори да се свика Парламентот и да биде ставен во функција. Претседателот на Собранието одлучи дека не може да се свика, а и Уставниот суд на двапати потврди дека не може да се свика. Со тоа денеска барем стана јасно дека единствено закажувањето на изборите е согласно Уредбата со законска сила на Владата која што се однесува на 22 дена од завршувањето на вонредната состојба во државата. Утврдувајќи ги сите овие правни аспекти, барем еден значаен дел денеска заокруживме, рече Заев.
Истовремено, рече лидерот на владејачката партија, било важно што се проектираа одредени потенцијални датуми.
-Доколку теоретски нема трета вонредна состојба, значи дека изборите би биле на 8 јуни, ако се прогласи нова вонредна состојба од 30 дена изборите би биле на 7 јули, а ако се направи прогласување на вонредна состојба од две седмици тогаш изборите би биле на 21 јуни, а ако се прогласи вонредна состојба уште една седмица изборите би биле на 14 јуни. Така стојат правните аспекти за коишто денеска се дискутираше и немаше некои спротивставувања на правните аспекти, истакна Заев.
Заев кажа дека било договорено Владата да побара попрецизни одговори од ОБСЕ/ОДИХР кога и колкава мисија би можела да прати во земјата и од Комисијата за заразни болести да димензионира протоколи за однесување имајќи предвид дека митинзи нема да може да има, дали може да се оди од врата на врата, колкаво групирање може да има, каков ќе биде протокот на гласање на самото избирачко место и слично. Претседателот на државата, според него, треба да одржи состанок со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) за точните термини, како што кажа, „од – до проектирани за потенцијален датум за избори“.
Вели дека нема поважна работа за нив како политичари од здравјето на граѓаните, но оти истовремено сите се согласиле дека има целосно комплетна доверба од сите во нашите здравствени и стручни комисии што за него е сериозна валоризација на нашите здравствени работници, посебно на стручните експертски комисии. На средбата било констатирано и дека сите ќе мора да живееме со коронавирусот затоа што ниту во светот, ниту во Европа, ниту во РСМ некој може да каже кога ќе заврши кризата.
Водењето грижа за здравјето на граѓаните е ако навистина ги ставиме во функција сите институции, а тоа е Парламентот и политичката влада, која што ќе сноси одговорност. Во РСМ, Парламентот е нефункционален и има техничка влада, рече Заев.
Лидерот на СДСМ истакна дека опозицијата денеска не била спремна да разговара за датум и дека купува време. Сепак, верува дека на почетокот на наредната недела би можело да биде постигнат договор за датум за избори.
-Треба час поскоро да воспоставиме институции коишто ќе функционираат во државата, тоа е политичка влада и пред се Парламент, сепак опозицијата не беше спремна денеска да разговара за датуми. Секако е спремноста за разговарање за датуми, јасно ја проектира работата, им треба време, сакаат дополнителен простор, буквално купуваат седмици и за мене тоа е разбирливо затоа што ниту Мицкоски ќе биде идниот премиер, ниту заради изборите ќе починуваат или ќе изгубиме граѓани, рече Заев.
Изрази уверување дека на почетокот на следната седмица ќе може да соопштат датумот за избори.
Ако се водиме од ставот дека здравјето на граѓаните е најважно, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тогаш за изборите треба да се консултираме најпрвин со Комисијата за заразни болести, а потоа со ДИК за времето неопходно да се спроведе овој фер и кредибилен изборен процес.
Според Мицкоски, доколку еден загубен човечки живот е цената со која ВМРО-ДПМНЕ треба да победи на следните парламентарни избори, а тој да го добие премиерскиот мандат, тогаш како што рече, тој одбива да биде дел од таквата структура.
Мицкоски ја повторил неговата позиција, а тоа е дека не е важен изборниот процес, не се важни изборите, туку важно е пред и над се здравјето на граѓаните, предложувајќи план во неколку чекори, во однос на тоа кога е најразумно да се одржат парламентарните избори. Втората работа која ја истакнал е консултација со ДИК за времето неопходно да се спроведе фер и кредибилен процес под услов првиот чекор да биде исполнет, но и да се оствари комуникација и контакт со ОБСЕ/ОДИХР во делот на организирање на набљудувачка мисија. Според Мицкоски, откако ќе се исполнат овие константи, тогаш може да се зборува за прва возможна дата кога ќе се случат изборите.
Лидерот на опозициската партија одговарајќи на прашање рече дека не би сакал продолжувањето на вонредната состојба да се поврзува со уредби или, како што рече, „некој вид други гимнастики“.
-Поставив такво прашање. Не добив одговор. Претпоставувам дека деновиве јавноста ќе добие одговор дали ќе имаме или ќе немаме продолжување на вонредната состојба, но ќе се потсетам кога се распушти Парламентот, 60 дена пред 12 април кога требаше да одржат предвремените парламентарни избори ние немавме вонредна состојба што значи 60 дена техничката влада функционираше без вонредна состојба, без овие уредби и имаше основна цел да ги подготви изборите и истите да ги спроведе, рече Мицкоски.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети по средбата потврди дека останува идната недела да има уште една средба за да се добијат потребните информации од соодветните надлежни институции и повторно лидерите да се соберат и да одлучат за наредниот датум за избори.
– Во воена состојба сме со невидлив непријател, во воена состојба збор имаат генералите, а во овој случај генералите се лекарите и епидемиолозите кои прават анализи и даваат препораки и за кои апелирам сите граѓани да ги почитуваат без разлика на нивната етничка припадност за да ја добиеме оваа глобална војна, рече Ахмети.
За првиот човек на Алијансата за Албанците Зијадин Села, Македонија не може да си дозволи да одржи избори без присуство на наблудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР. Пред новинарите Села, истакна дека на овој состанок опширно дискутирале за ситуација со КОВИД-19 и заедно се договориле датумот на изборите да го одредат со консензус.
– Државата ќе се обрати до оваа меѓународна институција за да ја види нивната подготвеност и времето кога тие може да ја пратат нивната набљудувачка мисија. Истовремено потребни се советувања со ДИК, во врска со изборите. Во почеток на идната недела се договоривме да имаме нов состанок кај претседателот со цел да се договориме за финалната дата за изборите заедно и со консезус, изјави Села.
Азем Садику од Демократската партија на Албанците (ДПА) по лидерската средба кај претседатеот Стево Пендаровски изјави дека тие предложиле парламентарните избори да се одржат на 14 јуни.
– Јавното здравје е пред се, но треба да има избори. Според нашите информации, состојбата се подобрува и 22 дена по Бајрам или поточно на 14 јуни ние предложивме да биде ден за избори. Но, треба да се научиме да живееме со вирусот, затоа што вирусот ќе биде тука и за подолг временски период, рече Садику.
Тој потенира дека треба да има избори кога ќе има услови и да се почитуваат сите мерки од соодветните надлежни институции.
Движењето Беса ја поддржува секоја одлука која ќе се донесе со консензус околу организација на парламентарните избори, рече нејзиниот претседател Билал Касами. Тој по средбата истакна дека на средбата кај претседателот на државата Пендаровски, главно доминирал ставот како да се организираат изборите, а да не се доведе во опасност здравјето на граѓаните.
– Периодот зад нас беше тежок. Исто и периодот што престои е деликатен. Затоа и на средбата, па и од овде апелираме до институците да ги олабават мерките околу движењето на граѓаните. Очекуваме од Владата на следната седница да донесе одлука за функционирање на неколку бизниси со цел граѓаните постепено се подготват од психолошки аспект за една понормална ситуација. Граѓаните исто така да ги почитуваат мерките за одржување физичка дистанца, рече Касами.
На средбата кај претседателот на државата присуствуваа претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами, како и претставници на ДПА. Учествуваа и премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Поради запазување на мерките за превенција од коронавирусот средбата кај претседателот на државата се одржа на отворено под тенди, на балкон од Вилата Водно. Сите учесници на средбата беа со маски и седеа на растојание еден од друг.