Кина го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, пренесува Си-Ен-Ен.
Тој се осврна и на руската инвазија на Украина, очекувана тема на денешниот телефонски разговор закажан за во 14 часот (по македонско време) меѓу претседателите на САД и Кина, Џо Бајден и Си Џинпинг.
– Некои луѓе во САД ширеа дезинформации, да се оцрни и изврши притисок врз Кина, што е мошне неодговорно и нема да помогне при решавање на проблемот. Кина е цврсто против ова и никогаш нема да го прифати, кажа меѓудругото Жао, најверојатно мислејќи на американски официјални лица, кои веруваат дека Русија побарала од Кина воена и економска поддршка за војната во Украина, наведува Си-Ен-Ен.
Двете земји, Русија и Кина, го негираа ваквото тврдење.
Според Жао, Украина има потреба од храна, наместо оружје, па испраќањето воена помош од САД, како што појасни, нема да донесе мир.
Си-Ен-Ен наведува пет причини зошто е важен телефонскиот разговор на Бајден и Си.
Прво, доаѓа во важен момент во руско-украинската војна.
Второ, Бајден се надева дека ќе успее добро да појасни какви се негативните страни, доколку Русија прими кинеска поддршка, без разлика дали воена или финансиска.
Трето, САД мора да се справат со ладнокрвното партнерство меѓу Кина и Русија – дури и пред руската инвазија, тие гледаа внимателно како рускиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг, се зближуваат. Директорот на ЦИА, Бил Барнс, минатата недела изјави дека партнерството е вкоренето во „многу ладнокрвни причини“. Оттогаш, партнерството без граници е тестирано, бидејќи Си размислува како да одговори на руската војна во Украина.
Четврто, американските сојузници во Азија набљудуваат одблизу.
Петто, Бајден и Си имаат различни гледишта за светот. Пред конфликтот во Украина, се чинеше дека американскиот претседател има намера пак да се фокусира на американската надворешна политика кон Азија, каде тој ја гледа конкуренцијата меѓу САД и Кина, како одлучувачки предизвик на следниот век. Украинската криза ја преокупира Белата куќа изминативе недели. Но, официјални лица инсистираат дека тие сè уште се способни да ја одржат својата важна визија.