Челзи го освои трофејот од Лигата на Европа откако го победи Арсенал со 4:1 во финалето, кое се играше во Баку.

Првиот гол беше дело на Жиру, кој реализираше со глава во 49 минута и со тоа го казни својот поранешен тим. Педро беше прецизен во 60-тата, додека Азар постигна два гола (65` и 72`) со што го оформи конечниот резултат. Ивоби беше прецизен за „топџиите“ во 69-тата минута.

Ова е прв трофеј за Маурицио Сари на чело на тимот, но неговата иднина ни одблиску не е јасна, бидејќи неговото име е поврзувано со тренерските позиции во Јувентус и Рома.

Лондонскиот тим по втор пат во својата историја го освоија трофејот, откако екипата стана шампион и во сезоната 2012/2013. По освоениот трофеј, со сигурност може да се каже дека сезоната на „сините“ заврши успешно.

За Арсенал, сепак, остана горчлив вкус, а Унаи Емери не успеа да додаде уште еден трофеј од вториот по силина европски турнир во својата витрина. Тој претходно успеа да го освои три пати натпреварувањето со тимот на Севиља.