Во археолошкиот локалитет „Стоби“ денеска во пресрет на Неделата на светите отци од Првиот вселенски собор, ќе биде отслужена Света Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со повеќе македонски архијереи и со бројно свештенство.
МПЦ – ОА упати повик до сите православни верници од земјава да дојдат и во заедничка радост, соборно да биде прославена 1700-годишнината од одржувањето на историскиот Прв вселенски собор.
На Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, присуствувале и тројца македонски епископи: Александар, Епископ на Солун, Будиј, Епископ на Стоби и Дакиј, Епископ на Скупи.
Присуството на македонски епископи на овој Собор, како што нагласуваат од МПЦО-ОА, е историски показател за длабоките корени на христијанството во Македонија, односно за тоа дека во тој период, на нашиве простори веќе постоел организиран христијански живот со добро раководена Црква и црковна заедница.