Украина доби пратка муниција и противвоздушни ракетни системи Стингер од Литванија, соопшти синоќа украинското Министерство за одбрана.

Претходно вчера, два други авиони испорачаа околу 180 тони муниција од САД, соопшти украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников. Тој на Твитер објави дека Украина досега добила речиси 1.500 тони муниција.

Украинските воени претставници информираа дека Украина со помош на сојузниците значително ги зајакнала своите вооружени сили. Ова конкретно се однесува на американските и британските противтенковски системи и беспилотни летала што ги доби од Турција.

САД и сојузниците велат дека Русија може да ја нападне Украина во секое време, но Русија, и покрај распоредувањето на повеќе од 100.000 војници во близина на границата со Украина, негира дека има такви планови.