Љупчо ЦВЕТАНОВСКИ

И додека шаренолики историчари во моментот ни пишуваат нова историја, силно потпомогнати од желбите на Бугарите и Грците, промуќурната влада на СДСС реши пак да влезе во историја, ама конкретно. Тоа тие е, кога нешто ти лежи, нема бегање. Најавија ајваните синокрвни, антикорупцијата ќе влегла во учебниците. И тоа ни помалку ни повеќе, туку на владина седница решиле! Со указ бре. Вауууу, она кога криминалецот ти вели да не крадеш… Чесниот криминалец де, оние што нон-стоп блескаат во светол мрак.

Е сега, ај што ни ја менуваат историјата ни вековна, ама сега пак влегуваат во неа. Онака, конкретно со интервенција од страна, со владина одлука. Ко и се’ што прават во животот , ви текнува, така и дојдоа на власт со акција на една ридска Деус екс макина која и ги смести таму на Илинденска бр. 2.

Сега, пак, ќе си влезат во историјата како најоксиморонска влада. Верувале или не, влада фатена во рекет, чиј лидер башка е три пати аболиран, а два-тројца му блиски соработници директно рекетирале со Бокија (а демек никој не ги знае кои се, нели, а и тие него, саде се сликале де) решија така ноншаланто на седница да ја внесат антикорупцијата во учебниците?!  Нешто како канибали кои донеле закон со кој јадење луѓе е грев…

Берете им го умот, ако го имаа, но пораката е толку неверојатно патетична, што едноставно, фантастично им прилега, ко и сите им дејанија во низа. Логиката нелогична, уникатна и комуњарска е јасна – ете ние толку многу и со сите сили се бориме против корупцијата и криминалот, што и децата за тоа ќе ги учиме! Абе ајде, декларативни биљмези. Пораката е супер – баталете рекетот, баталете што пола влада и партија ни е во какица од Катица, ама ние се бориме со корупцијата?! Заборавете на се’, не гледајте што правам, туку што ви кажувам, фер…

Оти, потценувањето ан интелигенцијата на народот им е хоби, докажано. Веројатно, мислат дека оние „немиените“, за нивна жал мозочно, ќе ја голтнат и оваа моронска лакрдија. Ново летенце, ново детенце, нов ден, нова глупоштија од екс бихаќка и така натаму, итн. итн. итн. А вие се навикнувате и отрпнувате на сурушките потези, и така би апатија…

Од друга страна, пак, ако размислите, има логика – кој подобро од криминалецот знае како да се бори со криминалот? Или во конкретниов, североиден контекст, кој подобро знае да се справи со корупцијата, ако не најкорумпираниот, нели? Па искуството и праксата се најдобар предуслов за тоа, така барем велат практичарите. Не мора да сте од додделот за бихевиоризам на ФБИ за да ви текне, фер…

И така, не само што ја менуваат историјата, тие и натаму не се свесни колку многу и ја креираат. Да, освен што во историските читанки ќе влезат со северната глупоштија и најсурушката капитулација, со тендерите, со местенките, со „најталентираниот“ за гафови премиер, со уцените за менување Устав, со измислените „терористи“ што беа виновни само за тоа што си ја сакаа Македонија, со „специјалната“ со најлепливи рачиња у свет и со што ли не, е сега талентиве ќе влезат и како оксиморончиња. Корумпирани правдољупци, атеистички верници,  транспарентни мутиводи, северни Македонци. Кое од кое поспротивен и попротивречен поим.

Да не го заборавиме оној вицепремиерот кој сакал од малечок да биде инспектор за табли, башка пратеникот екс кој љуби кока или градоначалникот кој милува да тепа. А да, имаше еден и што шверцаше… А да, и лидерот освен другите таленти им е и видовит слепец кој постојано прорекува што ќе се случи во судството.

Списокот е долг, предлог, а изборот е голем, оти дотичниве се антитеза на две нозе, натитеза која често е и на четири. Она, кога молат по амбасадите за да останат на власт де, за да господарите им простат на пакосните домашни миленичиња за сторената глупост. Да, јавна тајна е дека се работи за еден неверојатен сплет на самобендисани мудри идиоти, кои со децении го реметат мирот на државата, факт кој е минлива вечност во Македонија. Која па никако да мине…

Исто како и скромниот раскош во кој со децении живеат нивните пуленчиња и недопирливи фамилии. А блескаат, ама многу.

Посветол мрак не сте виделе, драги мои, блесок од кој душата ви ја обзема врело студенило. Класична новокомпонирана оптимистичка трагедија, а ние среде неа…