„Проблемот е што ние платите ги добиваме со тоа што се кратат програмските активности. Значи ние си кратиме од самиот буџет. Да речеме ако од генералниот буџет кој што сега е проектиран на пет ипол милијарди министерство за култура ќе добие 1,34% што е историски најнизок процент во историјата на независна Македонија“, истакна Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Љутков додаде дека секогаш процентот за министерството за култура бил до 2-2,5. А, сега министерството за култура ќе добие најнизок процент во историјата на независна Македонија.

„Од тие 1,34%, 1% ни одат само на плати, што значи дека тие 0,34% ќе одат за програми. Тоа е недоволно за да можете да ги исполните сите барања на граѓаните и на институциите, ниту за одржување на објектите, ниту пак на програмските активности“, рече Љутков.

„Во превод, најпластично кажано една институција ако имала 9 милиони или 10 милиони денари за продукција како Драмски театар сега има 3 милиони денари за продукција. А, платите се зголемуваат и бројот на вработени се зголемува. Што значи имаме повеќе вработени, а помалку продукција“, појасни тој.

Тој посочи дека поради тоа ја критикува работата на министерката за култура. Според него, оваа власт ни покажа во овие 7 години како се урива еден систем во културата. Тој додаде дека нема никакви капитални инвестиции што значи дека во 7 години не е изграден ниту еден објект и дека министерката за култура отворено признала дека директорските места ги местат за партиски вработувања.

„Таа кажа дека имаме в.д. директори но бидејќи не ги исполнуваат критериумите да станат директори и им фалат сертификати и некакви дозволи ги чекаме да ги дособерат па подоцна ќе го отвориме конкурсот за да станат директори“, кажа Љутков.

Во однос на објектот кај старата скопска чаршија, тој истакна дека тој е урнат пред една година.

„Објектот во старата скопска чаршија не е урнат сега туку пред една година на 18-ти декември 2022 година и кренавме галама за тој објект затоа што тој е заштитен со законот за културно наследство и има двојна заштита со споменичка скулптура“, рече Љутков.

Тој заклучи дека кога пријавиле во Министерството за култура, министерката им кажала дека ќе реагираат за да денеска да видат дека таа знаела уште од октомври месец, а објектот е урнат во декември и тука има тотална конфузија.