Колегите од културата го обвинуваат дека делува против интересите на културните работници и неговото делување го оценуваат како предавство. Ова не е обично недоразбирање меѓу политичар и вработени во било кој сектор, тежината е многу поголема бидејќи тој не е само министер, туку и актер со децениска кариера.
Во „Меѓу редови“ на КУРИР со Зоран Љутков разговаравме за протестите на СКРМ и за тоа што се крие зад нечие избегнување да биде потпишан нов колективен договор во културата.
Со дел од луѓето кои излегоа со сериозни обвинувања кон него тој е колега, со нив долги години делел сцена, сет на снимање, искуства… Го прашавме зошто дојдовме до ситуација ваквите работи да мора да се решаваат на улиците наместо колегијално, на заедничка маса.
-СКРМ се одлучи на овој начин бидејќи се плаши дека ќе го изгуби членството и морало да напаѓа. Тие транспаренти беа толку вулгарни на протестите што јас се засрамив во нивно име. Мене нема да ми направат никаков проблем, рече Љутков.
Го прашавме дали го повредија лично некои од зборовите кои му беа упатени.
-Па не можат да ме повредат затоа што тие луѓе кои ги видов, кои ги држеа транспарентите се всушност луѓето кои што се плашат бидејќи тие се неработниците во инстиуциите. Јас гледам дека се штити неработењето. Од друга страна, јас имам колеги кои доаѓаат тука, со кои постојано разговараме, а тоа се луѓето кои што работат и кои ја имаат истата плата со оние кои што не работат. И тие бараат решение, тие сакаат да се реши ова. Велат зошто да ги штитиме неработниците? Зошто некои луѓе постојано да одбиваат работа, а да земаат плата како колегите кои им се 24/7 на работа? Зошто јавноста да мисли дека во културата не се работи заради овие неработници? Тоа е суштината. Тие што ги држеа транспарентите, јас се срамам во нивно име бидејќи си го штитат сопственото неработење. Исплашени се за нивните плати бидејќи знаат дека не се појавени со месеци, а некои и со години на работа, рече Љутков.

Министерот посочи дека негова цел е да се заштитат работниците, а не неработниците.
-Јас сум човек кој доаѓа од културата, јас сум бил во синдикатот и совршено добро ги знам сите недостатоци кои ги има културата. Седум години сум бил наназад претседател на комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ, пред да бидам министер. Точно сум ги детектирал сите проблеми во сите институции и сум разговарал лично како актер со актер, како уметник со уметник. Ова се што се случува денес е врз основа на тие разговори. Програмата потекнува од предлози и проекти на вработените. Јас застанувам на страната на луѓето кои сакаат да работат и тие луѓе ќе бидат поддржани и испочитувани максимално, рече Љутков.
Министерот посочи дека бара колективен договор кој ќе биде направен според закон, кој ќе биде усогласен, со двата синдикати.
Целото интервју со него погледнете го во видеото во продолжение:




