Министерот за правда Кренар Лога оствари средба со амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер на која се разговараше за соработката со САД како стратешки партнер во областите поврзани со реформите во правосудството, законодавната агенда, борбата против корупцијата.

Лога, како што е соопштено, рече дека дигитализацијата во правосудството е клучен процес за зајакнување на капацитетите, одговорноста и професионалноста на судиите и јавните обвинители.

Министерот ја информираше амбасадорката Агелер за процесот на формирање на работна група за уставните измени и очекувањата опозицијата преку свои претставници да даде свој придонес во процесот кој е од исклучително значење за евроинтеграциите.

Во однос на ветингот, министерот Лога посочи дека тој може да се реализира само со поддршка на САД и ЕУ. Агелер беше запозната и со состојбата во затворите и монтираните судски случаи.

На состанокот беше истакната новата Стратегија за реформа во правосудниот сектор 2023-2027 година која е фокусирана на подобрување на состојбите и јакнење на капацитетите со што ќе се обезбедат услови за стабилно и непречено спроведување на зацртаните реформи.

Лога и Агелер се согласија да се интензивира соработката помеѓу земјите во насока на обезбедување стабилност и услови за спроведување на реформите, се вели во соопштението.