Старото ветување дека дискриминацијата на Гордана Јанкулоска и затвореничките во „Идризово“ ќе биде минато, го повтори и новиот министер за правда, Кренар Лога. Тој е дециден дека ќе се постапи по препораката на Комисијата за спречување од дискриминација, па жените затворенички ќе ги уживаат истите права како мажите затвореници. Лога посочи дека работната група работи и решение за 30 дена ќе има.

„Јас верувам дека во тек на еден месец ќе имаме решение соодветно за тоа прашање“, рече Лога, а на брифингот со новинарите го објасни процесот на работа: „Првата недела имаме информации, втора конструкција, за месец дена барам решение. Не само за оваа проблематика, туку за сите работни групи. Тоа е начин на работа“.

Пред Лога, дискриминацијата во затворот по основ на пол требаше да ја реши неговиот претходник Никола Тупанчески кој го отпочна процесот со формирање на работна група – но исход немаше. И разрешениот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски кажа дека тоа е важен процес и дека Правилникот кој ги ограничува правата на затвореничките ќе биде променет, за што даде рок до февруари. Ова не беше испочитувано од министрите за правда, кои се задолжени за носење на правилникот.

Претходно, Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје каде издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичката од женски пол.