ЕУ проширувањето е можно и пред 2030та година, но прво, Унијата мора да се реформира, порача француската државна секретарка за Европа, Лоренс Бун. Денеска, за време на Бледскиот стратешки форум, на панел посветен на носење одлуки во ЕУ – Лоренс Бун ја објаснуваше изјавата на францускиот претседател Макрон, дека ЕУ мора да се реформира во Унија на неколку брзини пред следното проширување. Според Бун, оваа изјава на Емануел Макрон не значи затворени врати за земјите кандидатки за влез.

Лоренс Бун државна секретарка на Франција за Европа – Ние сме 27, а може да бидеме и над 35 членки, со надеж што побрзо. Знам дека Шарл Мишел рече до 2030 година, може да биде дури и побрзо. Но, потребно е да се реформираме себеси и земјите кандидатки исто така да се реформираат себеси.

Ставот на официјален Париз за реформа на ЕУ го поддржа и државниот секретар за европски прашања на Португалија.

Тиаго Антунес, државен секретар за европски прашања на Португалија – Луѓето почнаа да реализираат дека навистина не сме погодни за 35 членки и затоа мора да креираме услови , за да се случи ова проширување. Ова е заклучок. Мораме да се реформирме за да се прошириме. Ова не се пречки на патот, ова се чекори кон проширувањето.