Луксузните возила на владата на премиерот Зоран Заев, за кои граѓаните ќе платат 1 милион 779 илјади евра, треба да стигнат најдоцна до септември, стои во договорот што Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) го склучиле со „Порше“ минатата недела.
Министрите и државните функционери ќе се возат во најлуксузната верзија на германската марка фолксваген – пасат, возилата ќе бидат во црна металик боја, со затемнети стакла, кожен волан што возачот ќе може да го командува и со глас.
Пасатите се со автоматско затемнување на ретровизорите, сензори за магла, дожд, сензори за судир. Возилата ќе се стартуваат без клуч, сами ќе реагира доколку возачот е уморен.
Функционерот на задното седиште ќе има посебен сензор за да си пушта греење и ладење во возилото, а удобноста ќе ја гарантираат и седиштата кои ќе се прилагодуваат на телото на патникот. СОЗР вчера за една ТВ одговорија кој се ќе има право на користење на возилата, цитирајќи ја законската процедура кои ВИП личности може да се возат во владини возила, но нема одговор зошто е потребна набавка на нови возила, кога актуелниот премиер Заев во повеќе наврати тврдеше дека со доаѓањето на СДСМ на власт ќе запрат непродуктивните трошења, односно луксузирањето кое било карактеристично за претходната влада.