Пишува: М-р Стојанче Геровски
(авторот е адвокат и магистер по меѓународна политика)
Програмските определби на една политичка партија за нејзино опстојување на власт, како прашање беше предмет на претходната анализа објавена вчера (линк од претходната анализа), но имајќи ги предвид програмските определби на владеачката структура, анализата продолжува токму во правец на ветувањата на СДСМ во предизборните циклуси.
Токму во тој во делот на предизборните ветувања од страна на СДСМ, може да се заклучи дека како политичка партија на власт, истата не само што не исполни ништо, токму спротивното, во најголем дел, проектите на оваа Влада беа донесувани со голем револт на страна на граѓанството, посебно на она граѓанство кое беше засегнато од таквите промени.
Така, на пример, измените во Законот за основно и средно образование, беа дочекани со протести од најголемиот дел на професори од овие делови на образованието.
Сето тоа спротивно на програмските определби во кои се вели:
“Во создавањето на квалитетно образование многу ќе вложиме во човековиот капитал. Клучот на успехот е наставникот, а без професионални и мотивирани наставници нема квалитетно образование“
Ковид кризата беше оставена на стихијно решавање на здравјето на граѓаните.
Медицинските здравствени институции останаа со истиот капацитет на кадар и покрај нивното самоиницијативно барање за зголемување на бројот на персоналот токму поради објективната потреба од зголемување на медицинскиот персонал.
Застанавме на првото место на светската листа по број на смртни случаи по број на население.
По сето ова, граѓаните се одлучуваа на срамно самоиницијативно вакцинирање во соседна држава. Спротивно на програмските определби во кои се вели – „Македонското здравство го стави Ковид 19 под контрола“.
Спротивно на програмските определби – „Ги слушавме експертите, ја почитувавме јавноста!“
Спротивно на програмските определби – „Го подготвуваме здравствениот систем за вториот бран…“, па од подготвеноста на вториот бран, третиот бран ја постави државата на првото место по смртност!
Истото се случи со историските прашања, прашањата за македонскиот јазик, за кои свој став изнесоа реномирани универзитетски професори – ставови целосно спротивни на ставовите на Владата.
Постапувањето на секаков начин на оваа Влада, само не на законит начин, се спроведе и преку барање за доверба на Владата, побарано лично од претседателот на Владата.
Зошто незаконито? Токму оваа Влада ова прашање го има утврдено и преку „Прирачникот за преведување на правни акти на Европската Унија“.
Во овој Прирачник, кој е подготвен од страна на Сектор за подготовка на националната верзија на Acquis (правото на Европската Унија) при Секретаријат за европски прашања, а издаден од страна на Секретаријат за европски прашања при Владата на Република Македонија, па во поглавјето IV – во делот насловен како „Поимник“, потточка V.2. – во делот насловен како „Уставно право“, утврден е поимот „Гласање за недоверба“, преку кој децидно е предвидено неговото значење – парламентарен предлог кој се изнесува за Владата од страна на ОПОЗИЦИЈАТА со цел да и се изгласа недоверба.
Со тоа, предлогот на Претседателот на Владата за поставеното прашање за гласање на доверба на Владата, не само што беше на незаконит начин прифатен, со што истиот претстави исклучиво искривено практицирање на правото и на политиката, но и таков како што беше поставен, во целост ја отслика недоследноста на подносителот, од причина што истото се постави како прашање во услови кога претседателот на најголемата опозициона партија беше во карантин поради Ковид пандемијата.
Имено, иако Уставот го предвидува правото на претседателот на Владата да постави прашање за доверба пред Собранието, иако и Деловникот за работа на Собранието го предвидува правото на претседателот на Владата да го изнесе ова прашање пред Собранието, токму цитираниот Прирачник на Владата, а кој претставува превод за ставовите на правото на Европската Унија околу одредени поими и нивното значење и практицирање, истиот децидно објаснува кој го изнесува прашањето пред Собранието за недоверба на Владата, па согласно утврдениот поим, а на основа преведените ставови на правото на Европската Унија, а со кои ставови Р.Македонија е задолжена и за истото има пристапено кон подготовка на националната верзија на Acquis (правото на Европската Унија), тоа право и припаѓа на опозицијата.
Дополнително, политичката наука, но и историјата на политичките збиднувања, исклучително прецизно го поставуваат моментот кога премиерот може сам да побара изгласување на доверба. Тоа се исклучителните моменти кога во Собранието се дискутира за прашања од исклучителен национален интерес, па во услови на големи спротивставени прашања, премиерот може, а исклучиво заради добивање на легитимитет од пратениците и исклучиво за решавање на поставеното прашање од национален интерес, да побара изгласување на доверба, кое изгласување на доверба би му дало целосен легитимитет за решавање на поставеното прашање од национален интерес. Но тоа право го нема да го постави како прашање секогаш кога тој самиот ќе посака.
Блиската политичка историја го потврдува таквото постапување на премиерот, искажан преку постапувањето на британската премиерка Тереза Мери (Theresa Maru, Lady May) – премиер на Велика Британија од 2016 до 2019 година, која во месец март 2017 година го започна процесот за повлекување на Велика Британија од Европската Унија, додека следниот месец најави предвремени избори, се со цел да ја зајакне својата позиција во преговорите за Брегзит и да го потенцира стабилното лидерство.
Впрочем, заради тоа се и разликите помеѓу поимите „доверба“ и „недоверба“, довербата да ја побара и самиот премиер, но за исклучително важни прашања од национален интерес. Недовербата ја бара исклучиво опозицијата и заради тоа овој момент беше исклучиво искривено практицирање на правото и на политиката.
Размислите околу ефектите од таквото постапување на Владата, целосно спротивно од програмските определби, се целосно идентични како и размислите од претходната анализа – ефектите предизвикани од страна на народот, а изразени преку паролата „Нема правда нема мир“, која парола ја донесе оваа гарнитура на власт, сега е многу поизразита од кога и да било претходно, па имајки ги во вид „наклоностите кои остануваат исти во сите времиња и природно, поттикнуваат исти ефекти“, истата парола е на повидок и токму сега.