Претседателот на Венецуела Николас Мадуро изјави денеска дека постојат можности од избивање на граѓанска војна во оваа јужноамериканска земја.
– Никој не може да знае што може да се случи. Се зависи од степенот на лудилото и агресивноста на американските империјалисти од север и нивните западни сојузници, изјави Мадуро за локалните медиуми.
Вечерва истекува рокот кој ЕУ му го даде на Мадуро да распише нови претседателски избори, зашто во спротивно ЕУ ќе го признае лидерот на опозицијата Хуан Гваидо за претседател.
Австрија денеска е осмата членка на ЕУ, покрај Германија, Франција, В. Британија, Шпанија, Португалија, Холандија и Белгија, која се закани со признавање на Гваидо ако Мадуро не распише избори, пренесува агенцијата Срна.
Мадуро го отфрли ултиматумот како дрскост и на вчерашниот митинг им порача на своите следбеници дека тој е легитимниот претседател.
Мадуро минатиот месец положи заклетва за вториот шестгодишен претседателски мандат.