Горд сум на тоа што потекнува од скромно семејство од Македонија, со нозете сум цврсто на земја и никогаш не сум заборавил кој сум, што сум и од каде потекнувам, вели маестро Симон Трпчески во интервју за црногорскиот весник Вијести.

Нашиот македонски пијанист, со светско реноме, кој ја промовира Македонија низ светот, додава дека придавката пред името на Македонија е политика и политичка и никогаш нема да ја користи.

 

Новинарот го прашува маестро Трпчески: Благодарејќи на клавирот, го обиколивте целиот свет, имавте бројни концерти и ве сметаат за еден од највиртуозните пијанисти на светот. Колку му е тешко на еден талентиран музичар од мала земја каква што е С. Македонија да се пробие на светската сцена?

А одговорот од виртуозот на пијаното е: Македонија (никогаш нема да користам одредници како северна, јужна, западна пред името, затоа што мислам дека тоа е прашање на политика), е мала земја како Црна Гора и вистинско чудо е човек од толку мала држава да успее да ги досегне височините, одговара Трпчески.

Натаму дополнува:

– Апсолутно сум горд на тоа што сум од Македонија и што потекнувам од скромно семејство, со нозете сум цврсто на земја и никогаш не сум заборавил кој сум, што сум и од каде потекнувам. Мислам дека тоа е успех на една личност. Секој има право на надеж и треба да се бори. Татко ми секогаш велеше дека животот е борба. Ова што сум денес се должи, пред сè, на моето семејство, кое секогаш ме поддржувало. Имавме исклучително лоши услови за живот, па дадоа повеќе од што можеа за да имам можности и шанси. Им должам и на моите професори, кои несебично ми дадоа знаење, вели Трпчески.

Горд сум, додава пијанистот со светско реноме, што сум производ на македонското образование.

– Научив многу кога почнав да патувам низ светот, запознав многу луѓе, неверојатни личности, бев отворен и подготвен за нови знаења. Поради мојата отвореност, станав и духовно богат. Јас сум едноставна личност и тоа ми помага во животот, иако денешниот свет е поинаков и оди во чудни правци. Верувам во чистотата на човечката душа, во природата, отвореноста на изразувањето и моќта на музиката. Можам да кажам дека луѓето кои доаѓаат од мали земји и кои имале многу предизвици се поцврсти, знаат како да стигнат до целта, додава Трпчески.

Друг проблем е, продолжува маестро Тршчески, тоа што владите на овие мали земји не сакаат да одат напред побрзо за да се развиваат, но што е – тука е.

– Немаме време за чекање, треба да одиме напред и тоа го знаат сите свесни луѓе од која било професија. Горд сум што доаѓам од Македонија и што успеав да го направам сето тоа и одам напред, вели Трпчески за црногорскиот весник Вијести.

Целото интервју на Трпчески во Вијести може да го отворите ТУКА.