Ќе ве молам, прекинете со изјавите дека ние, граѓаните, треба да СФАТИМЕ дека во моментов ние одлучуваме. Демек не сфаќаме, па да потенцирате. Не е народот мутав!
Имате изјави дека дадена ни била шанса од Собраниете со референдумот. ДАДЕНА!
Ало, НАРОДОТ му дава шанса на Собранието, и на Владата, и на Претседателот.
Сите државни функционери сте таму каде што сте заради тоа што народот ве избрал. На демократски избори. Во демократска држава. Државната власт произлегува од луѓето. Од народот на државата.
Демократијата е израз на волјата на народот.
Не ја искористувајте демократијата за да го вметнете нечујно популизмот. Колку повеќе повикувате на доброто на народот со илузорните ветувања и манипулирањето на нивната доверба, толку полошо е за државата.
Популизмот како политичко влијание е основа на лажни ветувања и манипулација на довербата на гласачите. Се појавува во моментот кога во државата има големи кризи. Економски, политички, национални. А кога нацијата е во криза, работите може да излезат од контрола во популистичката реторика.
Не е државава приватна фирма, да глумите лудило и да го потценувате македонскиот народ.
Како народ сме измачени, изнаработени, транзициско непркнати. Но, не сме глуп народ. Не сме.
Колку и да пишувам за државните уредувања и политички говори со цел за владеење, нашиот народ е едноставен. Мирен и кроток, но борбен како лав за своето!
Борбен како нечиј македонски татко кој се враќа од нивата, изгорен од сонцето, за да го плати факултетот на син му.
Како нечија македонска мајка која замислено седи, прашувајќи се на која земја и’ остава потомци? На нејзината или на онаа новата, туѓата? Но, се бори и на ќерката и дава име Македонка!
Не си играјте со народот кој ви дава шанса да сте луѓе. Да се возите во скапи автомобили, да ги праќате децата на скапи одмори, да шетате по светот претставувајќи ја Македонија, па дури и да не брукате со поставување на туѓи државни знамиња на официјални државни посети од странски претставници.
Народот точно знае како да постапи на референдумот.
Прекинете со притисоците и оставете не’ да сме Македонци. Можеби и вас ќе ве помакедончиме!