На денешната седница на собранието за нацрт амандманите имаше обраќање пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ Влатко Ѓорчев во кое запраша кога СДСМ ќе го смени статуот на партијата за да се преименува. Ѓорчев праша дали со чекан и ножици Владата ќе ги вади таблите и амблемите со името Република Македонија. Тој истакна дека со невидена леснотија се притиска за промена на Уставот на државата што е само вовед во нови редифинирања.

„Почитувани колеги го прашувам премиерот Заев кога ќе дојде моментот кога ќе чукне часот да ги вадите таблите каде што пишува Република Македонија на македонските училишта, кога ќе ги вадите таблите каде што пишува Република Македонија на македонските универзитети и факултети. Дали со бонсек или со чекан ќе го вадите оној натпис каде што пишува Влада на Република Македонија, кога ќе дојде часот кога во овој законодавен дом во овој парламент ќе го извадите натписот Собрание на Република Македонија“ – рече Ѓорчев.

Тој истакна дека Владата не добила поддршка од народот и дека не добила легитимитет за промена на името и на Уставот на државата односно дека тоа јасно било кажано на референдумот кој иако со незаконско полнење на кутии не достигна ни 36 %.

Посочувајќи кон Никола Димитров тој истакна: „Донесовте пратеници да гласат од затвор, мајки уценувавте во овој парламент да гласаат за да си го ослободат својот син. „Гласај па син ти да биде ослободен!“, така го бркавте двотретинското мнозинство. Мајки принудувавте!“