Претседателот Стево Пендаровски денеска во Скопје ќе ја одржи одложената средба со претставници на Македонците од Бугарија.
Средбата со претставници на повеќе македонски здруженија во кабинетот на Пендаровски, се одржува по барање на ОМО „Илинден Пирин“ од Бугарија.
Оваа средба беше најавена пред десетина дена, но веднаш потоа беше и одложена со образложение „поради пандемијата на коронавирусот“.
Македонците од Бугарија велат дека внимателно ја следат ситуацијата со напорите на Македонија за членство во ЕУ и велат дека безрезервно ги поддржуваат аспирациите на етничките браќа од Македонија за достојно место меѓу народите на демократска Европа.
-Сметаме дека постоењето на Македонци од двете страни на границата е предуслов за мост меѓу двете земји и народите во нив. Ова наше сфаќање не го делат властите во Република Бугарија, каде на ниту еден начин не сме застапени и не можеме да се изразиме. Властите во Бугарија демонстрираат ефикасна комуникација со самоидентификуваните како етнички Бугари во Македонија, што за нас е за почит, но необјаснив е односот кон нас… Пример за тоа е односот на самоидентификуваните етнички Бугари во Македонија и претседателот Румен Радев. Сметаме дека реципроцитетот би бил знак за еднаквост меѓу бугарскиот и македонскиот народ, се вели во писмото до Пендаровски на раководствата на ОМО Илинден-Пирин и на ОМО Илинден.
Бугарија веќе 15 години по пресудата на Европскиот суд за човекови права одбива да изврши регистрација на здруженијата на Македонците во оваа земја. Бугарските власти упорно повторуваат дека во Бугарија не постои македонско национално малцинство. Минатата година и Комитетот на министрите на ЕУ ја изрази својата длабока загриженост поради неспроведувањето на пресудите.
Пендаровски вчера најави дека во текот на следниот месец ќе оди во официјална посета на Бугарија. Во соопштението од неговиот кабинет е посочено дека тоа го договара со својот бугарски колега Радев, а целта е двајцата да дадат позитивен придонес во надминувањето на спорот меѓу двете земји.
Останува да почекаме и да видиме дали Пендаровски со Радев ќе зборува и за правата на Македонците во Бугарија, а не само за влегување во македонскиот Устав на „македонските Бугари“.