Македонците во Пустец, Мала Преспа, вчера го одбележаа патронот на црквата „Свети Архангел и Михаил“, празник кој го чествуваат и како нивен заштитник.

На голем број семејства овој ден им е домашна слава.

Во црквата, која се наоѓа во центарот на Пустец, на плоштадот „Гоце Делчев“, утринската свечена богослужба ја отслужи свештенкот Алексо Темелко.

Со Македонците беше и Васил Стерјовски, лидер на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и пратеник во албанскиот Парламент.

-Редовно сум тука со моите Македонци за овој голем празник. За многу години Св.Архангел Михаил – водач на небесните сили, чувар на сите болни и заштитник на Македонците во Пустец. Посакувам здравје и среќа на сите, а се трудам во рамки на моите можности да се смени нешто на подобро во областа, вели Стерјовски.

Додава дека тој секогаш е со и до Македонците каде и да живеат, Мала Преспа, Гора, Голо Брдо, Тирана, Елбасан и насекаде во Албанија и прави се да ги актуелизира сите нивни проблеми.