Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализрани се 35 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 474 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Како што соопшти Министерството за здравство, во последното деноноќие на интерните клиники имало вкупно 20 приеми и тоа еден пациент бил хоспитализран на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, петмина во ковид-центарот на Клниката за Неврологија, седум болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, двајца на Клиниката за нефрологија, а пет во новотворениот центар на Клиниката за очни болести. Во ковид-центарот во ГОБ 8 Септември имало пет нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 10 лица.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени девет оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 54 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 12 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 108 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 159 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 30 пациенти, од кои 9 деца и 21 возрасен.

Вкупно 474 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до осум часот имало уште слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Сите инфективни одделенија, потенцираат оттаму, имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.