Македонецот Филип Јованов роден во Швајцарија, а по потекло од Радовиш освои медал и стана еден од годинашните шампиони на саемот SwissSkills 2022 што се одржува во Берн.
Јованов, како што објави МИА, е проектант на водоинсталации, а занаетот „го печел“ низ швајцарскиот модел на дуално образование. Откако најпрво се остручил за водоинсталатер, работел две години, а потоа го продолжил усовршувањето уште две години и се стекнал со звање проектант.
Како што изјавил Јованов пред почетокот на церемонија за доделувањето на наградите што се одржа деновиве, не морало и не е секогаш било важно да се заврши факултет, туку најважно е да се работи тоа што се сака, без да се трча по диплома.
– Го избрав водоинсталатерството зашто и мојот брат го работи тоа. Не мора баш да се оди на факултет ако сакаш да напредуваш, можеш и преку стручно усовршување. Во Швајцарија е полесно да најдеш работа, бидејќи од 16 години државата ти го овозможува тоа. Според мене не е битно да земеш многу дипломи, туку да го правиш тоа што го сакаш, што вистински ти се допаѓа, рече Јованов.
На посебна церемонија „SwissSkills“ ги избра најдобрите, доделувајќи златен, сребрен и бронзен медал во 85 професии. Тие претходните денови и практично пред посетителите ги демонстрираа своите вештини. Над 1. 000 професионалци во преку 150 струки се дел од годинашниот “SwissSkills 2022”.