Уште во петокот беше најавено дека Република Македонија ќе одговори на забраната што ја воведе Косово за македонските производи, но наместо одговор, по денешниот состанок на министрите Крешник Бектеши и Трајан Димковски со директорот на АХВ Зоран Атанасов, има само едно потпрашање до Приштина:
Македонските власти ќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина за забрана на увоз на компир и мед од земјава?
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов денеска изјави дека македонските производи ги задоволуваат светските стандарди и нема основа изјавата на косовските власти за причините за забрана за увоз на компир и мед.
– Ќе побараме од косовските власти во текот на утрешниот ден со аргументи да ни објаснат врз основа на кои меѓународни стандарди ја воведуваат забраната. Не држи изјавата на Косово дека со ЦЕФТА договорот или по други меѓународни стандарди може да ни воведат забрана, истакна Атанасов, одговарајќи на новинарски прашања по денешната презентација на новиот Правилник за условите за ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување до крајните потрошувачи.
Атанасов не даде одговор дали се размислува за некакви контра мерки и за одговор на ова прашање, упати до надлежните органи.
Во петокот, косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шаља наложи забрана на увоз на компири и мед од Македонија како одговор на забраната што Скопје ја воведе за увоз на риба за порибување од Косово. Забраната, како што изјави Шаља за порталот „Газета експрес“, ќе остане во сила се додека органите во Северна Македонија не ја преразгледаат одлуката за увозот на риба за порибување.
Како што објавивме, уште во петокот, македонските власти најавија одговор спрема Косово за воведената забрана.
– Чекорите што ќе ги преземе Владата по воведувањето забрана за увоз на компир и мед од Македонија во Косово како реципрочна мерка за воведувањето забрана за увоз на рибен подмладок и икра од Косово ќе бидат познати на средбата што ќе ја одржат денеска министрите за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство Крешник Бектеши и Трајан Димковски со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, беше соопштено од македонските власти.