Македонија поразена од Исланд, ќе се бориме за 13 место

/ 17.01.2019

Македонија загуби од Исланд и го освои четвртото место во групата во Минхен, што значи нема да продолжиме во главната фаза, туку ќе се бориме за пласман од 13 до 16-то место на СП 2019.

Избраниците на Раул Гонзалез одиграа солиден натпревар, особено во првиот дел, но Исланѓаните беа поконцентрирани и го искористија падот од десетина минути во вториот дел, за да го решат мечот во своја полза, со конечни 24-22.

Проблемите почнаа на на стартот од второто полувреме, кога нашиот напад престана да дава резултат. Девет минути немавме постигнато гол, ша во 45. минута Исланѓаните имаа 18-16 и предниста ја задржаа до крајот.

Очигледно беше дека нешто мора да се менува, па Раул се откажа од тактиката „7 на 6“. Тоа и се случи, но успеавме само да се доближиме на минус еден гол, за на крајот мечот сепак да заврши со плус два за Исланд.

Дејан Манасков и Кире Лазаров со по пет голови беа најефикасни во репрезентацијата на Македонија. Борко Ристовски имаше солидна партија со 12 интервенции.

Остануваат уште два натпревари за македонската репрезентација.


Од истата категорија