Во последните децении од вековното османлиско владеење на Македонија и Балканот, кога се прераспретувале премрежјата низ кои поминувал македонскиот народ, додека мноштво Македонци биле повратници од руско-турските војни, а подоцна и војводи во македонската револуционерна борба, во периодот на Демирхисарскиот заговор, 23 години пред Илинденското востание или во годините кога грчката држава била создадена и грчката пропаганда во Македонија била силна и влијателна, западните историчари кои истражувале за историјата на Балканот забележале јасна разлика помеѓу Македонците и Грците, не само во овие години туку и во антиката.

Американскиот писател и историчар Џејкоб Абот кој е автор на биографии на најголемите антички и средновековни владетели, кон крајот на 19 век напишал книга насловена „Историјата на Кир Велики и Александар Велики“. Анализирајќи ги подвизите на големите антички војсководци, Џејкоб Абот пишува за разликата помеѓу Македонците и Грците. Иако персискиот владетел Кир Велики и Александар Македонски не биле своевременици, Џејкоб Абот во ова дело дава доволно сознанија за двајцата антички владетели, но, и за моментната положба на Македонија во 1880 година, кога и оваа книга била издадена во Њујорк.

„Македонците не беа чисти Грци и Грците никогаш не ги сметаа за такви“ – пишува Џејкоб Абот во 1880 година. Притоа, во истиот пасус авторот дава краток опис за положбата на Македонија пред и по владеењето на Филип II и Александар III и подоцна за Македонија како римска провинција. На крајот од параграфот писателот пишува за моменталната состојба на Македонија во 1880 година.

„Македонија денес е дел од Турција во Европа, но, повеќе не е независна провинција“ – заклучува писателот Џејкоб Абот.

Бидејќи авторот пишува за Македонија како дел од Турција во 1880 година укажува дека авторот правел јасна разлика помеѓу Грција и Македонија бидејќи во тој период грчката држава била конституирана, а Македонците во исто време се бореле против османлиското владеење и за независноста на Македонија.

Џејкоб Абот е роден на 14 ноември 1803 а починал на 31 октомври 1879. Студирал богословие, а подоцна бил професор по математика и филозофија. Пишувал и литература за деца и млади, а особено се истакнал со биографиите за големите војсководци и владетели како Јулие Цезар, Клеопатра, Ханибал, Џингис Хан и многу други. „Историјата на Кир Велики и Александар Велики“ според годината на издавање е испечатена 1 година по неговата смрт.

Марко Петревски