(видео) НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Во 1991-ва почна Десетдневната војна на ЈНА против Словенија и распадот на СФРЈ

/ 27.06.2020

На 27 јуни 1991 година започна Десетдневната војна за независност на Република Словенија, во која Територијалната одбрана на Словенија ја принуди Југословенста народна армија (ЈНА) да се повлече од територијата на оваа дотогаш република на СФРЈ.

Тоа беше и почеток на крвавиот распад на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од која дел беше и Република Македонија.

Десетдневната војна или Словенечката војна за независност (на словенечки: Slovenska osamosvojitvena vojna) беше воен конфликт меѓу Територијалната одбрана на Република Словенија (Teritorialna obramba Republike Slovenije) и ЈНА во 1991 година, откако Словенија прогласи независност од тогашна СФРЈ.

На 25 јуни 1991 година, парламентите во Словенија и Хрватска донесоа одлуки за прогласување на независност. Два дена подоцна единици на ЈНА излегоа од касарните и тргнаа кон граничните премини на територијата во Словенија. Така почна војна меѓу припадниците на ЈНА и силите на словенечката територијална одбрана.

Војната траеше десет дена, а на почетокотот на јули Претседателството на тогашна СФРЈ, кое беше под силно влијание на Слободан Милошевиќ, донесе одлука за повлекување на ЈНА од Словенија. Дел од единиците на ЈНА во Словенија се повлекоа на територијата на Република Хрватска.

Република Словенија која од претходно најави дека на 26 јуни 1991 година ќе прогласи незавинсост од СФРЈ, тоа го стори ден претходно, односно на 25 јуни. Датумот на прогласувањето на независноста бил со цел да се стекне брза предност во очекуваната интервенција и борба. Словенечката влада очекувала ЈНА да реагира еден ден по прогласувањето на независноста или брзо потоа. Стекнувајќи предност од 24 часа, Словенците ги изненадија југословенските власти.

Иако политичкото раководство на ЈНА беше против независноста на Словенија, армијата беше поделена околу тоа што да направи. Тогашниот началник на генералштабот на ЈНА, Благоје Аџиќ заговарал операција од големи размери и да се елиминира словенечкото раководство. Неговиот претпоставен, министерот за одбрана Вељко Кадијевиќ, инсистирал на поблаг пристап – демонстрација на сила која би ја убедило словенечката влада да ја повлече одлуката за независност. По расправата бил прифатен ставот на Кадијевиќ.

Останаа недоумици околу тоа колку членови на југословенската влада биле вмешани во донесувањето на одлуката за да се употреби сила во Словенија. Наводно Анте Марковиќ, тогашниот претседател на сојузната влада, изјавил дека Сојузниот извршен совет (влада на СФРЈ) не бил информиран за акциите на ЈНА.

Утрото на 26 јуни, единиците од 13. корпус на ЈНА ги напуштиле касарните во Риека и тргнале кон италијанско-словенската граница. Овој потег предизвикал силни реакции кај населението во Словенија, кое организира спонтани барикади и демонстрации против акцијата на ЈНА.

Но, словенечката влада веќе имала план да ја преземе контрола над граничните премини и меѓународниот аеродром Брник. Војниците кои ги чувале граничните премини биле Словенци, така што запоседнувањето на премините се свело на промена на униформите и ознаките на војниците, без борби. Со преземањето на контрола над границата, Словенците успеале да воспостават позиции против очекуваниот напад од ЈНА.

Десетдневната војна на ЈНА во Словенија заврши со релативно мали материјални штети и човечки жртви во однос на тоа што следуваше подоцна во Хрватска и особено во Босна и Херцеговина.

(Д.Г.)


Од истата категорија