По повеќе од десет години М-НАВ ќе школува нова класа контролори на летање.

Македонската навигација потпиша договор со Глобал АТС Данска, компанија што ќе ги обучува првите пет кандидати за обласни контролрори на летање.

Од М-НАВ соопштија дека обуката на овие кандидати ќе се спроведе во Копенхаген, од 19 февруари до средината на јули годинава, во Центарот за обука „Глобал АТС Данска“ што е сертифициран од страна на Данската агенција за цивилно воздухопловство во согласност со  ЕУ регуларивата 2015/340.

Се очекува кандидатите  во текот на 2020 година да се стекнат со дозволи за контролори на летање и да може самостојно да работат. Договорот го потпишаа претседателот на управниот одбор на М-НАВ и извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација, Николче Тасески, и основачот и косопственикот на Глобал АТС Данска, Дирк Јанс.

-Воздушниот сообраќај во Република Македонија последниве две години бележи двоцифрен раст, а и актуелните статистики и предвидувања укажуваат дека сообраќајот ќе продолжи да расте. Токму заради тоа, за да одговори на предизвиците кои ги носи растот на сообраќајот, давателот на услуги во воздушниот сообраќај, М-НАВ, по повеќе од десет години спроведува процес на селекција и обука на нови контролори на летање, појаснуваат од М-НАВ.

Од македонската навигација информираат дека во текот на оваа година М-НАВ планира да ја упати на обука и втората група кандидати за контролори на летање во сертифициран центар за обука, што повторно ќе биде избран преку процес на јавна набавка.