Семејството Спасевски од делчевско село Илиово е едно од ретките млади семејства кои се занимаваат со сточарство и се задоволни од тоа што го работат. Живеејќи во прилично чиста средина чуваат крави, кози и живина, произведуваат млеко и задоволни се од навремената исплата на субвенциите. Во период кога има услови активно собираат и печурки, со што дополнително го зголемуваат семејниот буџет, кој иако се невработени со сопругата, според кажувањата на младиот Томчо Спасевски, им е доволен за убав живот на село.
Сепак, оваа идилична слика за младиот брачен пар ја нарушува еден проблем кој се провлекува во последните неколку години, а тоа е патувањето на нивните три деца до училиште. Проблемот е во тоа што до првата најблиска автобуска постројка, каде возило е задолжено да ги земе учениците, има околу 4,5 километри. Бидејќи Томчо и сопругата поради обврски, велат, дека не се во можност секојдневно да ги носат до определното место, бараат возилото кое е задолжено за превозот да ги зема од пред нивната куќа.
Но, секоја приказна има среќен крај па и оваа за трите дечиња од Илиово. Во текот на денешниот ден превозникот на родителот му навестил дека е најден возач кој ќе ги зема дечињата од нивниот дом и ќе ги носи до посочената автобуска постројка со што веќе нема да мораат да седат дома, туку ќе следат настава како и нивните другарчиња. Информацијата ја потврдија од училиштето и изразија задоволство што овој горлив проблем се решава.
– Оваа година немаше печурки, а другите години добро беше. Околу 30 илјади земав годинава од нив, од сточарството состојбата е „од нив за нив”, а највеќе има од печурките. Чуваме кози, нешто крави, околу десетина говеда и тоа е. Дневно продаваме до 40 литри млеко, задоволни сме редовно од субвенциите, вели Томчо Спасевски.
Дописникот на МИА ја скенираше состојбата на патот од автобуската постројка до домот на Спасевски и успеа да стигне на километар ипол до Марковско Маало, каде се наоѓа куќата на Томчо, неговата сопругата и трите дечиња Анета, Дејвид и Златко. Поради проблем да се стигне до саканата дестинација, од голема полза беше помошта на соседот Стоил Марковски, кој со своето возило немаше проблем да стигне до највисокиот дел од Марковско Маало, пат кој беше и најлошата делница од вкупно 4,5 километри.
На самото пристигнување ги забележавме трите дечиња Анета, Дејвид и Златко, кои се трето, петто и деветто одделение. Со дозвола од родителите ги прашавме како се одвивал еден нивен ден кога оделе на улилиште и што е она што им недостига, додека се дома.
– Порано не носеше татко ми, потоа одевме пешки, но сабајле кога е многу студено има многу лисици и волци. Ми недостига училиштето особено физичко, вели највозрасниот Дејвид, додека за Златко и Анета ликовно и исто така физичко им се омилени предмети.
Таткото Томчо за лошата конфигурација на теренот вели дека не е во можност сам да го поправи патот, иако некогаш, како што вели, се обидувал со неговиот трактор да интервенира. Сака да ги пушти своите деца да одат пеш до местото каде ги презема превозот, но му е страв од диви животни кои често вели дека децата ги среќаваат по патот.
– Колку можам го поправам некогаш на своја рака со тракторот. Досега за нафта ми даваа средства, јас да ги носам на училиште, но веќе не можам, бидејки имам обврски околу стоката. Досега можеше кола да оди до овде, јас шест години тоа го работам, сега има задолженост државата да води грижа за превозот на децата. Во минатото ми даваа некои средства за превоз, потоа нешто нафта ми даваа. Сега на седми ноември сум повикан во училиштето на разговор, како да не знаат од училиштето, зошто не одат на училиште. Тие пешки можат да одат до 500 метри, но лошо е од животни од волци и диви свињи, вели таткото Томчо.
И мајката на децата е на став дека не можат со нивни превоз да ги носат децата до местото каде е предвидено да ги чека самиот превозник.
-Треба да си дојде превоз од школото, ние не можеме да ги носиме со наши превози. Еве и вие со ваше возило дојдовте овде, колата ви се расипала, а како ќе ми биде на мене да ми застане на патот, а комбето нема да чека не знаат и ќе си замине јас што треба тогаш да правам. Затоа тие нека си ја преземат работата, децидна е мајката на трите дечиња.
Заедно со семејството живее и таткото на Томчо, кој вели дека како дедо на внучињата, греота е за децата бидејќи и тоа што го научиле ќе го заборават додека седат дома.
– Порано спаѓаа до доле, ќе почекаат, почекаат и велат дедо го нема превозот, вели тој.
Според соседот Стоил Марковски, проблемот бргу би се решил, доколку патот се порамни и посипе со песок на најкритичните делници.
– Најитно јас мислам дека машина „гредер” треба да помине на најлошите делови да се порамни и опесочи. Исто и зимно време песок да разнесат на патот или ние ќе си го разнесеме. Тука две или три маали опфаќа Кајмакамци и Марковци, малку сме, ама во каменичкиот терен до секоја куќа асфалт има, а тука гредер да помине и да се опесочи кај што има кал, сметам дека тоа е решението, вели Марковски.
Во однос на проблемот со семејството Спасевски се обративме до Горан Велков, директор на училиштето „Ванчо Прке“, од каде добивме известување дека од истото село три други дечиња без проблем одат до автобуската постројка, но не и децата на Спасевски.
– Сакам да истакнам дека овој проблем постои откако неговите деца одат на училиште, а тоа е негде 7 – 8 години. Проблемите ги решаваме многу тешко бидејќи и сами видовте дека комби возило не може да оди до нивната куќа. Во претходните години оваа релација беше во склоп на релациите Бигла – Драмче – Илиово, а од оваа учебна година беше воведена како посебна Делчево – Илиово. Од истото село има уште три деца кои го користат превозот, но децата на Томчо не доаѓаат на посочената постројка, вели директорот Велков.
Според договореното со превозникот, како што потенцира Велков, дечињата треба во 7 часот наутро да бидат на договореното место, а потоа во 14 часот да бидат вратени од страна на превозникот.
– Да споменеме дека на јавниот повик на таа релација се јавил само еден превозник, но децата на Томчо нередовно доаѓаат и понатаму. Во претходните години во договор со превозникот и родителот за одреден надомест таткото ги носеше децата до автобуската постројка. И годинава беше така од 25.09.2023 до 15.10.2023 година. Но еден ден, родителот ги зеде децата од училиште и кажа дека децата нема повеќе да ги вози, ако превозот не продолжи да ги зема од дома, додава Велков.
Родителот, како што посочува директорот на делчевската деветолетка, имал претставка до државниот просветен инспектор кој направил увид во целокупната документација, при што е донесен извештај за фактичката состојба, а тоа било во време кога неговите деца оделе на училиште.
Посочи дека како училиште ќе продолжат да го советуваат родителот да најде решение да ги врати децата на училиште, со што ќе се најде трајно заедничко решение за овој проблем.
Сличен одговор добивме и од Советникот за образование при Општина Делчево, Ванчо Новоселски, кој рече дека исцрпени се сите мерки кои можеле да бидат преземени, за децата да одат редовно на училиште и смета дека од родителите нема доволно интерес тие да одат на училиште.
– Бидејќи училиштето распишува тендер, училиштето „Ванчо Прке“ има склучено договор, за да ги носат децата од Илиово на училиште и обратно. Патот кој води до куќата е многу лош пат и до таму превозно средство не може да иде. Со превозникот договорено е децата да се носат до местото кај што е одредено автобуска постројка. Знаејќи кои услови се таму, родителите можат да ги донесат своите деца таму, бидејќи ние имаме деца во други места кои согласно законот два километри одат пешки, така што и тие деца од Илиово може родителот да ги донесе до определеното место, вели Новоселски.
Родителот, како што додава Новоселски, преку медиумите пласира дека не му се земаат децата, што според него не е точно.
– Родителот треба да е загрижен за и неговите деца да одат на училиште и како родител мора да најде начин да ги однесе од куќата до каде што може да дојде превозот. Значи се работи за два километри, така е и по законот имаме такви случаи во Делчево, значи треба грижа и од родителите, а не само да велиме дека некој не сака да ги зема. Во таква ситуација ќе си преземе мерки Државен просветен инспектор и родителот треба да даде образложение зошто не одат децата на училиште и потоа си следува санкција од државниот просветен инспекторат, додава делчевскиот советник за образование.
Побаравме одговор и од превозникот кој ја има добиено релацијата за превоз на ученици с.Илиово-Делчево и обратно од каде информираат дека секој ден навремено си jа извршуваат обврската согласно склучениот договор.
-Ние со Договорот за превоз имаме земено обврска да вршиме превоз на ученици од с.Илиово до Делчево. Имајќи во предвид дека с.Илиово е село од разбиен тип составено од повеќе маали, сите ученици се собираат на едно зедничко утврдено место(автобуска постројка) и од тоа место ние ги превезуваме до училиштето во Делчево. Сите деца кои во договореното време ќе бидат на договореното место (автобуска постројка) се превезуваат без ников проблем и пречки до школото, велат од компанијата која ги превезува децата на училиште.
Повторија дека с.Илиово е село од разбиен тип и во истото има повеке маали, а до дел од нив нема пристапен пат за да може нивно возило (комбе) да стигне до нив, заради што учениците се превземаат од договореното место.
-За да се уверите во состојбата на патишатата до кои нашето возило не може да пристапи ве повикуваме било кој ден ваш преставник, да појде до тоа место и да се увери во состојбата на патот, додадоа од компанијата превозник.
И додека се чека трајно решение, на последната Седница на Совет, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека во иднина ќе ги блокира и нема да гласа за одлуките во Советот на Општина Делчево на Основното Општинско Училиште „Ванчо Прке” од Делчево.
Причина за ваквата блокада, како што велат, е игнорантскиот однос на менаџментот на училиштето во врска со проблемот со превозот за трите дечиња кои треба да посетуваат настава во ова училиште.
Од Општината демантираат и велат дека не е точно туку константно се бара решение за проблемот, се апелира ситуацијата да не се злоупотребува за ситни политички поени.
– Очигледна е намерата за политизација на проблемот со цел освојување ситни политички поени од страна на опозициската ВМРО ДПМНЕ, кои не водат во насока на решавање на проблемот. Воедно, потенцираме дека Општина Делчево во соработка со раководството на ООУ „Ванчо Прке“ перманентно работат на решавање на проблемите во сите сфери, па и со организираниот превоз на ученици. Воедно, апелираме до родителот да соработува со службите од училиштето со цел да се изнјаде најприфатливо решение и што е најважно, децата да не се злоупотребуваат и да не губат часови од наставата. Проблемот е пријавен и во Државниот просветен инспекторат, истакнаа од Општина Делчево.
Валери Спасевски
Фото: МИА