Рударите во земјава денеска во своите домови и рудници ја слават својата заштитничка Голема Богородица, а на 31 август ќе се одржи централната прослава во организација на Министерството за економија во Скопје, каде ќе бидат наградени најдобрите рудари од македонските рудници. \

Раководството на рудникот „Бучим“ ја достави документацијата за добивање дозвола за отворање на новото рудно тело Боров Дол, што треба да ја продолжи работата на единствениот рудник за бакар и злато во земјава. Новото рудно тело, кое се наоѓа на неколку километри од рударскиот комплекс ќе значи сигурна работа за рударите, а не ставање катанец на врата на овој рудник по 2019 година, бидејќи рудните резерви се веќе исцрпени, вели во интервјуто за МИА претседателот на Македонската Асоцијација за рударство, Николајчо Николов.

– Но мора да се спомне дека 2019 година практично е и последната година на експлоатација на „ Бучим“. Затоа раководството на „Бучим“ и инвеститорот од поодамна работат на отварањето на новото рудно тело Боров Дол, кое треба да биде подготвено да дава руда од 2020 година. Практично сме во доцнење, а една од причините е и негативната кампања против рударството и стравот на инвеститорите. Барањето на дозвола за експлоатација, комплетирано со потребните документи, вчера го предадовме, во пресрет на празникот и очекуваме дека Министерството за економија во најкратко можно време ќе ни ја даде дозволата за експлоатација и на тој начин го барем малку го надоместиме изгубеното, вели Николов.

Инаку, во рударскиот сектор во земјава работат над 12.500 работници (заедно со преработувачкиот).

Рударството во Македонија учествува со еден отсто во БДП, а околу 9,5-10 отсто во индустриското производство. Вкупниот извоз од рудниците на обоени метали е околу 160 милиони долари, а увозот е околу 60 милиони долари. Односот на увозот и извозот кај неметаличните суровини е многу понегативен.