Осигурителните компании ќе бидат обврзани во рок од пет дена да ги објавуваат на своите веб страници сите измени кои што ги прават во општите и посебните услови на полисите за осигурување. Ова е предвидено со Предлог-измените на Законот за супервизија на осигурување, што, како што информира Министерството за финансии, вчера влезе во собраниска процедура.

Од Министерството за финансии посочуваат дека целта на измените е да се заштитат правата на потрошувачите и да се зајакне сигурноста и стабилноста на друштвата.

– Досегашното искуство во примената на Законот и најдобрите меѓународни практики покажаа дека предвидените стандарди за соодветност има потреба да се зајакнат од аспект на искуство, знаење, репутација и финансиски капацитет на акционерите и органите на давателите на осигурителни услуги. Со пропишаните измени дополнително се пропишуваат критериуми кои треба да ги исполнуваат лицата кои можат да станат акционери и членови на органите на управување и надзор во друштвата кои даваат услуги во областа на осигурувањето. Вакви критериуми за соодветност се пропишуваат и за овластените актуари, осигурителни брокери и застапниците во осигурувањето, вели Тевдовски во експозето за Предлог-измените на законот.

Предложеното законско решение предвидува и нов концепт на полагање на испитот за актуар, односно отсега ќе се полага писмено бидејќи досегашниот електронски начин на полагање се покажал како неприменлив.