Задоволство од новопостигнатите цени за килограм грозје од 13 денари за смедеревка и 15 за вранец, денеска на прес коонференција во Кавадарци изразија претседателот на Здружението „Напредни лозари“ Трајче Кулев  и градоначалниците на Неготино и Кавадарци, Тони Делков и Митко Јанчев.

– Овие дополнителни субвенции се од голема важност за нашиот регион. Ваквиот напредок и решавањето на проблемите се само показател дека Кавадарци и Неготино се движат кон вистинскиот пат, нагласи Кулев.

Честитајќи го денешниот празник, Јанчев посака мир во домовите, здравје и љубов.

– Постигнати се нови цени за овогодишната берба на грозјето. Од Кабинетот на премиерот Зоран Заев излегоа со соопштение дека на наредната владина седница ќе се донесе одлука за нови субвенционирања за лозарите. Се надевам дека оваа одлука ќе биде донесена и ќе значи многу за нашиот регион, рече кавадаречкиот градоначалник.

Бидејќи за неколку денови во Кавадарци започнува традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“ чија организација, како што нагласи, оваа година е на едно повисоко ниво, се очекуват многу повеќе посетители за разлика од претходните години.

– Ги повикувам граѓаните на општината Кавадарци пред се, сите заедно, да бидеме добри домаќини, со големо гостопримство, по кое е и познато Кавадарци, сите да се вклучиме во оваа манифестација. Очекувам граѓаните да бидат стрпливи во однос на затворените улици за сообраќај и користењето на возила само во неопходни ситуации, со што ќе помогнеме за полесно функционирање на целата општина и секако непречено одвивање на големиот „Гроздобер”. На 7 , 8 и 9 септември, Кавадарци нека биде пример за тоа како се пречекуваат гости и нашата општина нека биде место во кое ќе се слави традицијата и ќе се гоордееме со виното, ракијата, маџунот и другите производи од грозје, за кои преку целата година кавадарчани напорно работат, додаде Јанчев.

Задоволство од новите постигнати цени изрази и Делков.

– По одржаната средба со премиерот Заев и лозарите, најавена е одлука за нови субвенции од Владата на Република Македонија. Дополнителниот 1 денар субвенции како и дополнителни 8.000 денари за хектар обработлива земја, претставуваат голем придонес за нашиот регион. Јас и мојот колега Јанчев, како градоначалници на овие две општини, рамноправно со лозарите дававме поддршка за овие промени. Се надевам дека оваа година ќе претставува успешна година за лозарството и со тоа регионот ќе се движи напред во однос на земјодолството, рече Делков.