Од Министерството за надворешни работи не можат да дадат објаснување дали Македонија го признава државниот празник 24 Мај, Денот на сесловенските просветители како Ден на бугарската азбука, според потписот од првиот Протокол од состанокот на меѓувладината комисија меѓу Македонија и Бугарија во јуни 2019 година, објави порталот МКД.

Од МНР за порталот одговориле дека тој Протокол го нема во нивните архиви, а во една прилика актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи за ова го обвини неговиот претходник Никола Димитров.

– Вашите забелешки се однесуваат на Протоколот од првиот состанок на меѓувладината комисија, потпишан на 10 јуни 2019 година кој, како што веќе сме информирале, не можевме да го најдеме во архивата на МНР и оттука не можеме да дадеме објаснување. Во вториот протокол таква формулација нема, одговориле од МНР.

Порталот МКД објави дека во тој Протокол пишува дека во Ватикан имало средба на претседателката на Народното собрание на Бугарија Цвета Карајанчева со претседателот на македонското Собрание Талат Џафери „по повод 24 мај Денот на бугарското образование и култура и словенското писмо“.

Потписници на овој Протокол се поранешните шефови на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Екатерина Захариева.

„Прашањето до МНР беше дали со овој протпис Македонија всушност признава дека 24 Мај е бугарски празник. Одговор не добивме, а Протоколот и натаму стои на официјалната интернет страница на македонското Министерство“ објави МКД.