Дијалогот меѓу Македонија и Бугарија продолжува но, без најави за конкретен договор или рок за надминување на проблемите.

Ваков е ставот на премиерите на двете држави. Ковачевски вели дека роковите не се приоритет, туку изнаоѓањето решение, достоинствено и прифатливо за двете страни.

Бугарскиот премиер Петков во Парламентот во Софија рече дека разговорите продолжуваат, но е дециден дека нема ништо да биде потпишано на следната средба на делегациите од двете држави, која ќе се одржи 22 мај во Македонија.

– Средбата сè уште не е финализирана но, едно е сигурно, ние само го продолжуваме конструктивниот дијалог но, нема да биде потпишано ништо конкретно, изјави Петков.

За разлика од лани, кога претседателите Пендаровски и Радев заеднички отпатуваа во Ватикан на Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј, годинава нема најави за заедничко чествување.

Во меѓувреме, Франција покажува подготвеност за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ да организира што поскоро меѓувладина конференција на Унијата со Македонија и Албанија во случај на договор меѓу Скопје и Софија.

Францускиот министер за надворешни работи и Европа на средба со Бујар Османи во Мароко, уште еднаш ја истакна поддршката на Франција за постигнување балансирано и заемно прифатливо решение за спорот меѓу Бугарија и Македонија.