Министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази очекување дека во наредните денови ќе продолжи комуникацијата со бугарската страна и оти ќе се финализира текстот на Акцискиот план, кој е фокусиран на секторската соработка помеѓу линиските министерства. Во исто време, неговата бугарската колешка Екатерина Захариева повтори дека не е точно оти Бугарија го оспорува македонскиот идентитет, апелирајќи на враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство и негова имплементација.

Османи нагласи дека е во постојана комуникација со Захариева, како и дека се работи на финализирање на текстот на планот.

– Финализирање на текстот сепак е комплексен процес затоа што вклучува многу институции. Секоја институција во својот дел треба да каже дали е тоа во ред или пак треба да има дополнителни измени. Но јас мислам 99 проценти од тој акциски план којшто ги содржи, ја содржи тематската односно секторската соработка е финализиран. Очекуваме да го финализираме и тој останатиот дел, и да утврдиме датум, се разбира во зависност од агендите на двете влади и ангажманот што го има Владата на Бугарија во однос на изборите, рече Османи на новинарско прашање што содржи Акцискиот план конкретно и кога ќе има средба со Захариева за да го утврдите датумот за меѓувладината конференција.

Запрашан кој е тој еден процент кој не е усогласен од Акцискиот план, Османи појасни дека разликите се технички по однос на предлозите.

– Меѓутоа немаме суштински разлики по однос на пристапот и по однос на содржината што треба да биде дел од тој акциски план во секторската соработка. И затоа сум оптимист дека во наредните денови ќе финализираме тој текст, рече шефот на дипломатијата.

Тој оцени дека во првата фаза од дијалог на двете страни имало премногу емоции, па затоа е пристапено со нов порационален пристап каде фокусот е ставен токму на секторската соработка помеѓу линиските министерства коишто ќе го подобруваат животот на граѓаните од двете страни на границата и дека тој пристап е соодветен и во согласност со Договорот потпишан во 2017 година.

Запрашан дали на средбата со министерката Захариева ќе разговараат и на политички план, односно дали ќе се отворат спорните точки, Османи нагласи дека двете страни постојано разговараат на тие теми.

– Се разбира дека ние постојано ги разговараме тие теми. Се додека постојат тие разлики ние треба да разговараме, да продолжиме и никако не смееме да дозволиме ова да прерасне во еден замрзнат конфликт во кој, како што имавме во претходни ситуации коишто само ќе ја влошат довербата и ќе ги влошат изгледите за изнаоѓање на решение, вели шефот на дипломатијата.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од своја страна, побара објавување на текстот на Акцискиот план, нагласувајќи дека „час поскоро треба на јавноста да и се обезбеди текстот“ на тој план.

– Јавноста мора да знае каков е тој план на активности со Бугарија. Според нашите информации, покрај идентитетските прашања кои што опфаќаат македонската традиција, обичаи, јазик, историја, има и многу бизнис работи, кои се дел од тој договор, кој што е на маса. Треба да бидеме будни за да во овој период не го искористат овие двајца да го распродадат тоа што е малку останато за државата, изјави Мицкоски.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за zoom.mk оцени дека решението на проблемот меѓу двете земји е во враќање кон Договорот за пријателство и добрососедство и негова имплементација.

Захариева потенцираше и дека не е точно оти Бугарија го оспорува македонскиот идентитет. – Тоа е лага, вели бугарската министерска за надворешни работи.

– Многу пати сме го кажале и вашите политичари го знаат тоа. Но, пред македонското општество и пред европските политичари полесно е да се претставува дека ние го оспоруваме вашиот идентитет. Прашањето дали го оспоруваме идентитетот беше решено со чинот на признавање на независноста на РС Македонија од Бугарија, како прва земја, изјавува Захариева.

Таа вели дека во Бугарија нема негативен став кон граѓаните на земјава и сака така и да остане.

Захариева, сепак, смета дека сега односите меѓу двете земји „не се толку лоши“, бидејќи Скопје и Софија разговараат, за разлика од периодот на поранешниот премиер Никола Груевски, кога, како што вели, „немаше состаноци“.

– Имаме проблеми, имаме премногу остра јавна реторика, непримерен говор, од кој се обидувам да не бидам дел. Премиерот (Бојко Борисов) исто така. Мојот повик е да не разговараме преку медиумите, ние сме во постојан контакт, имаме телефони. Ние секогаш можеме да се чуеме, секогаш можеме да се видиме, вели Захариева.

Таа оценува дека земјава треба да ги почитува своите обврски од Договорот за добрососедство и пријателство со Софија и да „престане потткнувањето омраза кон Бугарија и Бугарите“.

– Не е нормално ова да се случува во 21-от век и да се победува на избори со единствена програма за омраза и негирање на соседна земја. Ова не се случува во Бугарија и многу ми е драго што е така, тврди шефицата на бугарската дипломатија.

Евроинтеграцискиот пат на земјава беше тема на телефонските разговори на Османи со неговите колеги од Португалија и Чешка, Сантос Силва и Томаш Петжичек.

Османи изјави дека со португласкиот министер Силва, чија земја сега е претседавач со ЕУ, разговарале, пред се по однос и на билатералната соработка, но и на приоритетите коишто ќе ги има и ги има португалското претседателство со ЕУ во наредните шест месеци.

– Задоволува фактот што тие го имаат како приоритет Западниот Балкан и европската перспектива и со тоа европската перспектива на Република Северна Македонија. Се уште не се во фаза да навлезат подетално во овие билатерални односи и разлики што ги имаме со Република Бугарија, но самиот факт што португалското претседателство покажува фокус и интерес за ова прашање дава надеж дека може да се искористат наредните два самита, мартовскиот и јунскиот самит на ЕУ, рече Османи.

Во вчерашниот телефонски разговор на Османи со чешкиот министер Петжичек станало збор за севкупните постигнувања на земјата во изминатиот период, како на домашен, така и на планот на унапредување на регионалните, а пред се на добрососедските односи.

– Поддршката на Чешка е гласна и принципиелна. Се согласивме дека патот до ЕУ треба да биде преку прогрес, а билатералните спорови не треба да бидат пречка, туку причина плус за европската интеграцијата, истакна Османи.