Францускиот претседател Емануел Макрон вчера одржа прес-конференција на која даде повеќе ветувања, од тестирање униформи во училиштата до ревизија на родителско отсуство.
Една недела по назначувањето на најмладиот француски премиер во историјата, Макрон, чиј простор за маневрирање е ограничен поради недостигот на апсолутно мнозинство во парламентот, ги повика Французите да се обединат за да ја направат земјата посилна.
– Убеден сум дека имаме се што е потребно за успех, и дека утре ќе живееме подобро од денес, рече тој на прес-конференцијата.
Макрон нагласи дека 2024 година ќе биде година на гордост и надеж.
Тој се осврна на мерки кои се однесуваат на децата, вклучително и регулирање на времето што децата можат да го поминат пред екрани, но не даде детали.
Тој рече дека во стотина училишта ќе се тестираат униформи и додаде дека ќе има повеќе часови по граѓанско образование.
Макрон, исто така, рече дека ќе побара од неговата влада да иницира нови либерални реформи за зајакнување на економијата, велејќи дека земјата мора да биде охрабрена да „произведува повеќе“ и „да биде поиновативна“.
– Франција ќе биде посилна ако ја врати финансиската независност, рече тој.
Фото: Х