Развојот на настаните во Европа, руската инвазија во Украина, но и регионалните прашања, според грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе бидат дел од темите со кои ќе разговара со претседателот на Франција Емануел Макрон, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска ќе замине за Париз каде што вечерва ќе се сретне со Макрон.
За време на вчерашната прес конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун, одговарајќи на новинарско прашање, грчкиот премиер рече дека и односите со Турција како и регионалните случувања ќе бидат на агендата разговори.
– Ќе имаме можност со мојот пријател и претседател на Франција да разговараме и за севкупните случувања во Европа и линијата на одбрана од руската агресија. Но, очигледно ќе разговараме и за регионални прашања и ќе го потврдиме овој многу силен стратешки сојуз што постои меѓу двете земји. Мислам дека тоа е однос, многу важен за нашата земја, рече Мицотакис.
Минатата седмица Атина ја посети министерката за надворешни работи на Франција Катрин Колона и се сретна како со грчкиот премиер, така и со шефот на грчката дипломатија.