Распуштањето на Националното собрание, Долниот дом на францускиот Парламент, засега не е тема, изјави портпаролката на француската влада Оливија Грегоар за радиото Франс Интер, откако претседателот Емануел Макрон го загуби апсолутното мнозинство во парламентот.
– Елизабет Борн е реизбрана за пратеник, тоа не беше доведено во прашање. Ќе видиме во наредните часови. Ова не е тема во моментов, одговори Грегоар на прашањето дали Елизабет Борн може да остане премиер.
Елизабет Борн вчера најави дека нејзината влада в понеделник ќе почне со работа за да дојде до потенцијалните партнери и да го собере мнозинството зад себе, обезбедувајќи стабилност во втората по големина економија во еврозоната.
Макрон денеска се соочува со обид да го спаси владејачкото мнозинство, како и неговата програма за економски реформи, откако гласачите ја казнија неговата центристичка коалиција „Заедно“ на француските парламентарни избори.
Конечните резултати покажуваат дека центристичката коалиција на Макрон освоила само 245 места, а за апсолутно мнозинство потребни се 289 места.