Министрите за надворешни работи традиционално се состануваат во Луксембург, неколку дена пред јунскиот ЕУ самит, на дневен ред пред сѐ војната во Украина и последиците врз гладот во светот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министрите ќе го подготвуваат состанокот на шефовите на држави и влади на ЕУ кој се одржува в четврток и петок оваа недела. Украина очекувано доминира во агендата на ЕУ.

Шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, ја поздрави препораката на Европската Комисија минатиот петок да се додели кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина и Молдавија. Оваа одлука треба да ја одобрат лидерите на ЕУ на самитот.

Француската министерка за Европа, Катерин Колона, изјави дека нејзината земја го поддржува доделувањето на кандидатскиот статус.

-Сметаме дека треба веднаш кандидатски статус за Украина и Молдавија заедно со патоказ, ова е порака до украинскиот народ, кому треба на долг рок да му се помогне, економски, политички, хуманитарно и се разбира воено, рече Колона, која најави и нова пратка на воена опрема во Киев.

Колона оцени дека доделувањето на кандидатскиот статус за Украина и Молдавија сега претставува “стратешки и морален императив“, но е и порака што и се испраќа на Русија.

Друга важна тема на дневен ред за министрите за надворешни работи на ЕУ ќе биде безбедноста на храната и ризикот од глад во Африка кој произлегува од руско-украинската војна и блокадата на жито и храна.

Европската Унија смета дека оваа криза се должи исклучиво на рускиот напад врз Украина, но не и на санкциите на ЕУ врз Русија, наратив кој Москва го негира.

Првиот дипломат на ЕУ, Борел, рече дека нема санкции врз храната и ѓубривата.

-Последиците од војната стануваат многу опасни за целиот свет, предупредуваме против голем ризик од глад во Африка, војната е таа што предизвикува покачување на цените и недоволно производи, рече Борел.

Тој додаде дека е “незамисливо“ милиони тони жито да се блокирани во Украина „додека милиони луѓе страдаат од глад“.

-Ова е воено злосторство, и не смее да продолжи, ако продолжи Русија ќе треба да даде отчет, додаде шефот на ЕУ дипломатијата.

Министрите ќе разговараат и со министерот за надворешни на Египет денес на оваа тема.

Се очекува некои земји членки да ја отворат темата за седми пакет на санкции против Москва врз енергијата, но шансите за консензус на оваа тема се речиси непостоечки во овој момент.