Нашите две земји имаат заедничка стратешка визија, геополитичка визија во Европа и во Медитеранот, порача претседателот на Франција, Емануел Макрон по средбата со премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, кој од своја страна додаде дека за сите теми за кои разговарале имаат „заедничка перцепција и заедничко чекорење“.

Нема информации дека на средбата воопшто била спомната Македонија, во која се создава некаква атмосфера дека може да се добие датум за преговори со ЕУ во март, или барем најава за нешто слично во месеците по март, иако согласно јавните изјави кои доаѓаа од Грција за поддршка на нашата земја, од Мицотакис би требало да се очекува да го отвори ова прашање токму со Макрон.

Билатералната економска и одбранбена соработка, регионалните европски прашања, бегалскиот/ мигрантскиот проблем, новиот буџет на ЕУ, случувањата во Источниот Медитеран, климатските проблеми, Брегзит биле дел од темите за кои станало збор на нивната денешна средба во Париз, а како што изјави и самиот Макрон на прес конференцијата, разговарале и за „проширувањето на Европската унија со Западен Балкан, но и за многу други прашања“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на последните случувања во Источниот Медитеран, францускиот претседател ја повтори позицијата на официјален Париз за активностите на Турција, како и за договорот со Либија.

-Франција ги поддржува Грција и Кипар во однос на почитувањето на нивните суверени права во морето, осудувајќи ги, заедно со нашите европски партнери, провокациите од Турција. Ја повторивме нашата загриженост и разговарвме за договорот што неодамна беше склучен меѓу Либија и Турција и секако ја осудивме на јасен начин, рече Макрон и додаде дека Турција во изминатите денови го прекршува она што било договорено во Берлин.

Грчкиот премиер повтори дека било кое решение за Либија, како предуслов треба да го има поништувањето на меморандумите меѓу Либија и Турција.

-Единствениот начин за решавање на разликите во Источниот Медитеран е меѓународното право. Грција инсистира на ова, покажувајќи воздржаност, но и решителност да го брани својот суверенитет и нејзините законски права. И во овој контекст, Атина го поздравува присуството на француските морски сили во Источниот Медитеран како гаранти на мирот. И ѝ е драго што ќе соработува со нив, рече Мицотакис.

Францускиот претседател и грчкиот премиер се договориле за нова рамка и продлабочување на стратешката соработка во безбедноста.

На средбата, исто така, станало збор и за мигрантското/ бегалското прашање за кое Макрон рече дека ќе ѝ помогне на Грција нелегалните мигранти да се вратат во нивните земји, а Мицотакис објасни дека Франција и Грција имаат иста перцепција во справувањето со конкретното прашање и се согласуваат дека има три клучни точки: надворешните граници да се чуваат со одговорност на цела Европа, дека договорот ЕУ-Турција е особено корисен, под услов да се почитува од Турција и дека е потребна солидарност од ЕУ.

Макрон и Мицотакис истакнаа дека е потребна заедничка европска политика за азил во рамките на една заедничка политика во ЕУ за миграциското прашање.