Претседателот на Франција и најверојатно кандидат за втор мандат, Емануел Макрон, нема да ја почне својата кампања следниот викенд со митинг од Марсеј, како што беше планирано. Имено, кризата во Украина ги наруши сите планови на Елисејската палата, јави дописникот на МИА..
Макрон требаше да го одржи својот прв голем предизборен митинг на 5 март во Марсеј, а овој голем митинг е откажан, наведуваат повеќе француски медиуми.
Меѓународната ситуација се судри со плановите на претседателот откако Москва ја нападна Украина минатиот четврток.
Станарот на Елисејската палата, сепак треба да ја објави својата кандидатура оваа недела по неколкумесечната неизвесност за неговите намери. Меѓу главните можности што се разгледуваат, се разгледува евентуална изјава во вести на телевизија или интервју во регионалниот дневен печат.
-Во оваа фаза ништо не е поставено, сè ќе биде приспособено според претседателската агенда и еволуцијата на меѓународната ситуација, објаснува неговото опкружување.
Во секој случај кандидатурите треба да бидат поднесени пред Уставниот совет на Франција до 4 март.