Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека силно ги осудува новите напади на Иран врз Израел, додавајќи дека како знак на неговата посветеност на безбедноста на Израел, мобилизирал воени ресурси на Блискиот Исток.

-Макрон го повтори барањето на Франција, Хезболах да престане со своите акции против Израел и неговото население, се вели во соопштението на француското претседателство.

Францускиот претседател, исто така, сакаше повторно воспоставување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан во строга согласност со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации, се додава во соопштението.

Иранската револуционерна гарда синоќа објави дека лансирала повеќе од 100 ракети кон Израел како одговор на неодамнешното убиство на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, лидерот на Хезболах, Хасан Насралах и заменик-оперативниот командант на иранската Револуционерна гарда, Абас Нилфорушан.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, по иранскиот ракетен напад, изјави дека Иран направил „голема грешка“ синоќа и „ќе плати за тоа“. Иран рано утринава објави дека неговиот ракетен напад врз Израел заврши без дополнителни провокации, додека Израел и САД ветија дека ќе возвратат на нападите на Техеран.

фото: МИА архива